[РЕПОРТАЖА] Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола – пример за добра соработка меѓу студентите и раководството

Атмосферата во и околу зградите беше мирна, бидејќи домот го посетивме во петок попладне, па поголем дел од студентите веќе беа заминати дома за викенд. Оние што ги затекнавме во соба, во дворот или во мензата, срамежливо одговараа дека се задоволни од условите, хигиената и храната во домот

фото: Мета.мк

Пет соби со сместувачки капацитет од 15 легла, кујна и мултимедијална училница, адаптиран пристап до сите простории и тоалети – вака изгледа објектот наменет за сместување на студенти кои се лица со попреченост во студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола. Со овој сместувачки центар пуштен во употреба во април 2021 година, битолскиот студентски дом стана единствен во државата кој нуди ваков уникатен објект – целосно приспособен и ставен на располагање за студентите со попреченост.

Овој објект во моментов веројатно е најсовремениот и со најповолни услови за живеење од сите државни и приватни студентски домови во земјава. Меѓутоа, во моментот кога Мета.мк го посети студентскиот дом „Кочо Рацин“, овие најсовремени соби за сместување студенти, со услови далеку над просечните, беа празни. Објаснувањето од раководството на домот беше дека ниту еден студент со попреченост во изминативе две години не се пријавил за да се смести таму.

На прашањето зошто во отсуство на лица со попреченост тука не се сместуваат останатите студенти-станари со цел да живеат во покомотна средина, добивме одговор дека просторот повремено го користат странски студенти и надворешни гости. „Кочо Рацин“ функционира и како економски оператор кој своите услуги, освен на студентите, им ги нуди и на други надворешни лица.

Центарот за сместување и психосоцијална поддршка на лица од ранливи категории всушност е реализиран како дел од проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија во Пелагонискиот Регион“ на Министерството за локална самоуправа во соработка со Амбасадата на Швајцарија. На проектот, заедно со раководството на домот, работеле и самите студенти, кои придонеле со свои идеи и предлози за уредување на просторот.

За време на пуштањето во употреба во април 2021 година, тогашната министерка за образование и наука Мила Царовска рече дека токму овие простории во иднина ќе бидат користени како модел за пристапност за сите студентски домови, но и за начинот на којшто собите и целиот инвентар во нив треба да бидат поставени.

Дека овој дом треба да биде пример за тоа како може да се реконструираат и останатите домови во државата, тогаш се согласи и швајцарската амбасадорка во земјава, Сибил Сутер.

Во моментов, во државата во тек е програма за инвестирање во сите студентски домови кои треба да станат енергетски ефикасни, но истовремено и современи и модерни за да можат да бидат користени од сите студенти, вклучително и од оние со атипичен развој и оние кои имаат различни потреби за поинаков и посоодветен пристап до истите тие згради и објекти.

Програмата не го одминува ниту битолскиот студентски дом, каде е планирано да бидат реновирани останатите сместувачки објекти.

Покрај центарот за студенти со попреченост, домот „Кочо Рацин“ брои и четири згради – „А“, „Б“, „Ц“ и „Д“, каде во моментов се сместени околу 280 студенти. Вкупниот капацитет изнесува и повеќе од ова, но управата на домот вели дека сместуваат помалку студенти поради комодитет и доволно простор за сите.

Влезот во Блок „Б“ во студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола | фото: Мета.мк

Поволноста на условите од една до друга зграда варира, но впечатокот што го добивме, според она што го видовме, е дека секој студент сместен во „Кочо Рацин“ живее во пристојна средина. Помеѓу зградите, најскоро реновиран е блокот „Ц“, а директорката на домот, Соња Карапец, признава дека се неопходни интервенции и во останатите згради за условите во нив да бидат подобрени.

„Пред четири години го реновиравме блокот ‘Ц’. Пристоен е и добар за живеење и такви треба да бидат и останатите три блока. Меѓутоа, по реновирањето на овој блок нè фати ковид-пандемијата, па затоа во тој момент застанавме. Во меѓувреме, Владата преку Министерството за образование и наука ни кажа дека се спрема проект за целосно реновирање на нашиот студентски дом како дел од плановите за реновирање на сите студентски домови во земјава“, вели директорката Карапец.

Од обиколката на сите четири згради, тоа што го забележавме е дека внатре е топло, низ ходниците и тоалетите – чисто, а ѕидовите во заедничките простории и студентските соби во кои ѕирнавме ненајавени, беа разубавени со цртежи.

Атмосферата во и околу зградите беше мирна, бидејќи домот го посетивме во петок попладне, па поголем дел од студентите веќе беа заминати дома за викенд. Оние што ги затекнавме во соба, во дворот или во мензата, срамежливо одговараа дека се задоволни од условите, хигиената и храната во домот.

Во меѓувреме, додека се чека реновирањето да започне кон крајот на оваа година, студентскиот дом сам ги решава и санира проблемите што ги пријавуваат студентите. Преку Советот на станари составен од студенти што престојуваат таму, условите и дејноста на студентскиот дом постојано се унапредуваат – сведочат и раководството и студентите.

„Советот на станари, како претставници на самите студенти, се наш партнер во целосното работење. Тоа значи дека за што било да испланираме – дали нешто да се подобри, реновира или замени, прво ги консултираме нив. Тие ни се показател и пример како треба да работиме. Советот на станари е двигател на сите новини и активности што ни се случуваат“, раскажува Карапец.

Токму објектот за студентите со атипичен развој бил реализиран со помош и идеи на студентите, а најнов пример на иницијатива поттикната од станарите е пренамената на еден стар запуштен и заклучен објект во просторија за дружење и слободни активности на студентите.

Претседателката на Советот на станари, Надица Ингилизова, раскажа дека во моментов се прават напори дел од дворот да се пренамени во спортско игралиште каде ќе бидат поставени и справи за вежбање.

„Имаме неколку работни комисии во рамки на Советот – спортска, еколошка, културна и други. Во рамки на овие комисии имаме редовни активности. Кога организираме акции, како чистење на и околу домот – затоа што ова сепак е и наш комплекс – гледаме да вклучиме што е можно повеќе студенти“, вели Ингилизова, која додава дека како претседателка на Советот на станари е задоволна од соработката со раководството на домот и сведочи дека по секоја поплака на студентите се реагира навремено.

Она што е интересно за овој студентски дом е што целиот комплекс претставува историски споменик и е под заштита на споменици од втора, односно Б категорија. Според директорката Карапец, зградите се изградени во 17-тиот век, а пред да бидат ставени во функција како студентски дом, во овие простории функционирала касарна, а потоа и специјална болница за белодробни заболувања.

Комплексот станува студентски дом во 1980 година, откако една година претходно е формиран Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, со што овој град станува втор универзитетски центар во државата, по Скопје.

„Сè што се однесува на надворешниот дел од зградите не можеме да го реновираме сами. Меѓутоа, во внатрешниот дел, заради подобрување на условите, редовно вршиме поправки и реновирања“, вели Карапец.

фото: Мета.мк

Домот примарно се финансира преку станарината што ја плаќаат студентите, а дополнителна дејност што ја остварува студентскиот дом е и сместување и исхрана на надворешни гости. Еден студент сместен во „Кочо Рацин“ за сместување и исхрана плаќа по 3.450 денари месечно, додека останатиот дел го покрива државата.

Покрај другото, „Кочо Рацин“ како студентски дом во моментов е единствен и по тоа што сè уште функционира со вредносни бонови. Со нив студентите ја плаќаат храната во мензата, а купуваат прехранбени производи и од малата „бонска“ продавница.

Заедно со неколку студенти ја посетивме и студентската менза каде пробавме од повеќето јадења што тој ден беа понудени на мени. Бидејќи беше време за ручек, оброците беа топли и вкусни.

На покана на вработените ѕирнавме и во кујната, каде се уверивме во хигиената и разновидните оброци што ги спремаа готвачите, а ни ги покажаа и плинските шпорети што ги користат, најавувајќи преориентирање кон поеколошко готвење на плин.

„За храна, имаме испланирано мени за две недели. Студентите имаат избор од две и повеќе јадења. Предвидени се салати, десерти, овошје. Се трудиме да биде како домашна храна, квалитетна храна и најчесто ние ги набавуваме суровините за подготовка на храната, а сето останато е зготвено од наша страна“, раскажа една од вработените во кујната во „Кочо Рацин“, која додаде дека „печивата како кифли, пици, проја и мекици – сега се производство на мензата во домот, наместо истите да се набавуваат од надвор“.

Дел од студентите, кога ја најавивме посетата на домот „Кочо Рацин“, контактирајќи нè преку социјалните мрежи се пожалија дека храната понекогаш не била соодветна, но сепак, повеќето сместени станари со кои разговаравме на лице место рекоа дека оброците се пристојни и ги има во доволно количини.

Партиципацијата што студентите ја плаќаат за сместување во домот е непроменета од 2008 година, а директорката Карапец вели дека во изминативе месеци, поради економската криза, од државата добиле финансиска помош за покривање на режиските трошоци.

Студентскиот дом „Кочо Рацин“ има соработка и со Универзитетското студентско собрание на УКЛО, со кое постојано организираат настани и активности.

фото: Мета.мк

Домот го напуштивме доцна попладне, со заклучок дека – според она што го видовме – условите за сместување и исхрана се просечни, но соработката помеѓу студентите и раководството на „Кочо Рацин“ е на завидно ниво и претставува уште еден пример кој треба да го следат и останатите студентски сместувачки објекти.

Студентите и управата нè испратија со најава на мајска забава, за кога рекоа дека сите ќе се соберат во дворот за да го одбележат крајот на уште една академска година.