Лисабон со право е една од најпосакуваните туристички дестинации во Европа поради богатото културно-историско наследство и неодоливата гостопримливост на неговите жители, збогатена со фактот дека градот е лоциран на брегот на Атланскиот океан. Сепак, едно парче од мозаикот што го прави Лисабон незаборавно место за патување е високоефикасниот и разновиден јавен превоз, кој е неизоставен дел од функционирањето на главниот град на Португалија.
Во Лисабон денеска живеат околу 540.000 жители во самиот град, што го прави според бројот на население сличен на Скопје. Португалскиот главен град е сместен во еден од најнаселените приградски региони на Пиринејскиот полуостров, во кој живеат над 2,8 милиони лица. Градот годишно го посетуваат над 3,5 милиони туристи, па поради тоа не е за изненадување фактот што Лисабон има исклучително развиен јавен превоз кој вклучува автобус, метро, трамвај, фериботски линии, градско-приградска железница, жичници и лифтови. Сите овие видови за масовен превоз на патниците им овозможуваат удобен, брз и ефикасен превоз во градот лоциран на седумте ридови.
Од сите нив, се чини дека шармот и вкаеноста со архитектурата во тесните улици на старите делови на градот е најизразена кај трамвајот. Воведен уште кон крајот на XIX век, трамвајските линии во Лисабон се најпопуларни меѓу туристите, но и жителите на овој град. Денеска се останати пет трамвајски линии низ градот, кои минуваат низ историското градско јадро. Низ Лисабон сообраќаат нешто помалку од 60 трамваи, од кои 40-тина се стари електрични трамваи, увезени на почетокот од XX век од САД.
Најпознати се трамвајските линии 15 и 28, чии траси минуваат низ најзначајните туристички точки во Лисабон. Бидејќи се идеална опција за разгледување на градот, трамвајот секојдневно го користат илјадници посетители на Лисабон. Линијата со број 15 го поврзува централното градско подрачје со Белем – југозападниот кварт од градот, додека линијата 28 го поврзува туристичкиот кварт Баиро Алто и импозантниот замок Сао Хорхе со останатите историски делови од градот.
Кога станува збор за брзината, удобноста и ефикасноста, тогаш метрото е вистинската опција за патување низ Лисабон, иако четирите метро линии не ги поврзуваат меѓусебно најзначајните туристички дестинации низ градот. Првата метро линија во Лисабон е отворена во 1959 година, а градот денеска има 56 метро станици кои овозможуваат патување од 6:30 часот наутро до 1 часот по полноќ. За туристите, секако е најкористена црвената метро линија, која води од центарот на Лисабон до аеродромот.
Со својата должина од над 44 километри, метрото во Лисабон успева да превезе над 475.000 патници дневно, односно дури 170 милиони патници годишно. Лисабонското метро заслужено го има добиено епитетот за едно од најзачуваните и најчисти метроа во Европа, иако архитектонскиот дизајн на секоја од метро станиците можеби не е на самиот европски врв според нивната убавина.
Лисабон има и развиен јавен автобуски превоз, кој е клучен за секојдневните патувања низ ридестите предели на градот. Секојдневно сообраќаат околу 600 автобуси на 146 линии, кои го надополнуваат чувството дека португалската метропола има исклучително развиен јавен транспорт за своите граѓани. Над 130 милиони превезени патници се регистрирани на годишно ниво во Лисабон пред почетокот на ковид-19 пандемијата. Дури осум автобуски линии водат од различни локации во градот кон лисабонскиот аеродром.
Едно од главните обележја на Лисабон се трите жичници, кои им овозможуваат на граѓаните поедноставно искачување на најстрмните делови на градот. Тие биле пуштени во употреба во 1884, 1885 и 1892 година и до денешен ден се функционални, а со својот препознатлив старински дизајн и дрвен ентериер се вистинска атракција, особено кај туристите.
За патување кон приградските делови на Лисабон, меѓу кои се и бројните плажи и локациите идеални за сурфање во Атлантскиот океан, жителите ја користат првенствено градско-приградската железница и ферибодските линии. Градско-приградската железница се состои од четири линии, а возовите се уникатни за европски услови, бидејќи во нив има посебен простор наменет за сместување на даските за сурфање кои со себе ги носат туристите од цел свет.
Конечно, за најбрз премин од едната до другата страна на бреговите на Лисабон и околните приградски места може да се искористат и ферибодските линии, кои поаѓаат од неколку локации во градот. Најдолгата река на Пиринејскиот Полуостров, Тежо минува низ Лисабон и токму тука се влива во Атлантскиот океан, овозможувајќи во системот на јавен превоз на градот да бидат вклучени и фериботи, од кои може да се ужива во прекрасниот пејсаж на старото градско јадро на Лисабон.
Поради неговиот степен на развиеност и сложеност, единствена слабост на лисабонскиот јавен превоз е сложениот тарифен систем и неколкуте компании кои управуваат со различните средства за масовен превоз. Па така, со трамваите, автобусите и жичницата во градот оперира јавното претпријатие Carris, додека со метрото управува посебна компанија. За користењето на овие превозни средства постои интегриран тарифен систем и електронска картичка Viva Viagem, која овозможува различни билети за патување.
Со градско-приградската железница управува Португалската железница, додека две компании управуваат со ферибодските линии. Користењето на нивните услуги подразбира купување на посебна електронска картичка кои ги вклучува и патувањата со овие линии, или пак, чекање пред големите гужви на автоматите лоцирани низ станиците, што не е многу пријатна и посакувана опција за посетителите на Лисабон.
И она што е најважно за самиот крај, градските власти на Лисабон одлучија од ова лето да воведат бесплатен јавен превоз за сите млади под 18-годишна возраст, студентите до 23 години и стари лица со наполнети 65 години за сите превозни средства, како сопствен удел во борбата против климатските промени.