РЕПОРТАЖА: Банките за храна во Португалија можат да прехранат до 4 отсто од целокупното население [фото]

Фото: Мета.мк

Португалија има над 10 милиони жители и дури 21 банка за храна (food-banks), кои можат да прехранат до 4 отсто од целокупната популација на оваа земја-членка на ЕУ. Нивната главна цел е да се борат против фрлањето на разните видови на храна како отпад, а обезбедените вишоци од разни оператори на храна да ги насочат кон оние на кои им е најмногу потребна – лицата кои се наоѓаат во неповолна финансиска ситуација и анонимно имаат побарано поддршка од португалските добротворни организации.

Мета.мк беше во посета на првата банка за храна во Португалија, која што е основана во далечната 1991 година. Станува збор за импозантен логистичко-дистрибутивен центар во Лисабон, којшто е централната точка на функционирање на банката за храна во главниот град. На оваа локација се доведува храната која што е вишок, на идентичното место се сортира според потребите на луѓето, и со комбиња и камиони на добротворните организации се разнесува низ градот. Покрај околу 400 добротворни организации што се поддржуваат само во Лисабон, пунктови за дистрибуција на прехранбени производи тие имаат низ цела Португалија и им помагаат на тамошните организации.

Борба против фрлањето на храна како отпад

Првата банка за храна во Португалија денеска функционира со поддршка на „Ентражуда“, приватна институција за општествена солидарност основана во 2004 година. Таа е основана за да им помогне на невладините организации кои се занимаваат со општествена солидарност во Португалија со ресурси и знаења за да преземат општествена акција. До денешен ден, со нивна помош функционира банката за храна, но и првата и единствена во Португалија банка за непрехранбени производи (noon-food bank).

Со претставници на „Ентражуда“, прошетавме заедно низ двете локации во Лисабон, каде што се сместени банката за храна и за непрехранбени производи.

„Одиме во индустријата, го собираме вишокот, им го даваме на добротворните организации, а потоа добротворните организации им помагаат на семејствата и на луѓето“, нѝ го раскажува низ разговор претставничката на „Ентражуда“ начинот на којшто се одвива дистрибуцијата на храна.

Се наоѓаме на локација со три различни објекти во близина на една од железничките станици во Лисабон. Во хангарот во којшто сме лоцирани, внимателно се подредени зеленчукот и овошјето коишто пристигнале во текот на денешниот ден за дистрибуција. Волонтери помагаат за утовар во ладилниците на јогуртот и замрзнатите производи, додека на централна позиција во магацинот неколку лица вршат сортирање на најразновидни производи во пакети – од чоколади, кремови, зеленчук и овошје до млечни производи.

Сувата храна (тестенини, корнфлекс итн.), производите спакувани во тегли и сите други производи кои не се чувствителни на расипување поради високите температури се сместени во вториот хангар, каде што волонтерите исто така вршат засебно сортирање на производите коишто ќе бидат упатени кон добротворните организации.

„Се бориме против фрлањето на храна како отпад. Секој ден дистрибуираме околу 40 тони најразновидни стоки“, велат од банката за храна.

Тие додаваат дека исклучително важно за нив е секое лице или семејство на кое му е потребна помош да се третира како индивидуален случај, со достоинствен однос и со постојан контакт во врска со потребите.

„Навистина нѝ е важно да го знаеме секој од нив, за да можеме да бидеме доволно фер во дистрибуцијата и да бидеме сигурни дека на секое семејство му се помага соодветно“, појаснуваат од „Ентражуда“.

Инаку, разновидните производи коишто секојдневно ги дистрибуира банката за храна ги добиваат на различни начини. Еден од нив е постојаната соработка со индустријата, која им ги доставува вишоците на произведена или непродадена храна. Контактите со супермаркети, но и со продавачите на зелените пазари во Лисабон е уште еден извор од каде што ја добиваат храната.

Од банката за храна објаснуваат дека на продавачите на зеленчук и овошје на пазарите секој ден им остануваат непродадени продукти, коишто ако не ги раздадат, по извесен период би можеле да завршат како неупотребливи на депонија. Соработката со другите банки за храна низ Португалија е секојдневна и континуирана, вишоците коишто ги обезбедуваат на одредени производи постојано се разменуваат, за да не се случи некој од нив да постане неупотреблив.

Главната работа ја завршуваат волонтерите

Од „Ентражуда“ велат дека се потпираат на своите волонтери, на воспоставената соработка на национално и на меѓународно ниво со другите слични субјекти, но и на дигиталната трансформација која што им е клучна во процесот на работењето. Првенствени корисници на добротворните организации во Лисабон се постари лица кои живеат во централното градско подрачје, кои имаат мали приходи и немаат никој друг како член од семејство да им помогне.

„Мораме да бидеме сигурни дека сè е направено со љубов и достоинство“, објаснуваат од банката за храна.

Тие додаваат дека единствени производи коишто не ги собираат и дистрибуираат се алкохолните пијалоци. Доколку не постојат банките за храна во Португалија, околу 80 отсто од храната што завршува кај нив би отишла како отпад на депонија. Сепак, од нашата обиколка на дистрибутивниот центар се уверивме дека нема производи ниту со поминат рок, ниту со лош квалитет, потврдувајќи ја на тој начин мисијата на банката за храна на достоинствен начин да им се помага на граѓаните на кои им е потребна поддршка.

„Важно е да се мобилира целото општество, сите да имаат на ум дека не е фер да се фрла храна. Одиме насекаде за да зборуваме за фрлањето храна. Во целиот свет, една третина од храната сè уште се троши залудно“, велат за Мета.мк од „Ентражуда“ и нагласуваат дека банките за храна треба да се развиваат насекаде низ светот.

Non-food bank

Португалија е уникатна земја поради тоа што имаат отворено и банка за непрехранбени продукти, којашто е вистинска реткост во европски рамки. Станува збор за две локации во Лисабон каде што е сместена оваа non-food bank, а екипата на Мета.мк имаше можност да ја посети локацијата каде што се складираат сите непрехранбени производи, со исклучок на мебелот.

Помеѓу десетици висококатници во една од лисабонските населби, во подрумот на една од зградите којшто во минатото се користел како паркинг за возила, денес на површина од околу 8.000 метри квадратни се простира банката за непрехранбени производи. Целиот простор е поделен на различни сектори, а продуктите најпрво доаѓаат на сортирање.

На локацијата има од хигиенски производи преку облека, бела техника и компјутери до најразновиден алат и велосипеди коишто би им биле потребни на лицата и семејствата што се наоѓаат во незавидна финансиска состојба. Само лани, оваа банка за непрехранбени производи им има помогнато на повеќе од 1.500 лица, но и на разновидни институции и добротворни организации кои ги распределуваат продуктите до семејствата.

Покрај дистрибуцијата на најразновидни производи што не служат за прехрана, а коишто во секој друг случај истите би завршиле на депонија, од банката водат посебно внимание на селекцијата и рециклирањето на онаа опрема која што им пристигнува како оштетена и неупотреблива.

„Имаме влијание врз животната средина, заштедивме 600 тони опрема, електронски и електрични уреди“, објаснува Афонсо Пињеиро од „Ентражуда“.

Откако ќе се сортираат, производите што се расипани или им е потребна поправка одат во специјализиран оддел каде што се утврдува дали ваквата опрема може да се поправи или не.

„Банката има лиценца за управување со сите овие видови производи, каде што можеме да ги поправиме или да ги рециклираме“, вели тој.

Она што е дефинитивно расипано и не може да се поправи од компјутерски хардвер, во посебни простории се селектира и се издвојуваат различните делови за да може правилно да се рециклираат во следната фаза.

„Ги издвојуваме сите компоненти и на тој начин го остваруваме профитот за да ги исплатиме нашите плати, нашите трошоци, киријата и другите активности. Имаме различен оддел каде што можеме да ги направиме сите поправки. Значи, ако на компјутерот му треба софтвер или да се замени некоја компонента, тоа го правиме овде“, потенцира Алфонсо.

Високиот процент на рециклирање на опремата им е приоритет исто како и идејата – водилка на банката за храна – да не завршува храната на депонија како ѓубре.

Дигитална трансформација

„Ентражуда“ како приватна институција, чија основна цел е да го поддржува невладиниот сектор, посебно внимание посветува на дигиталната трансформација на граѓанските организации. Во изминатиов период, создадени се три веб-страници коишто директно им помагаат на организациите во функционирањето на банките за храна и за непрехранбени производи.

Фото: Мета.мк

За време на ковид-19 пандемијата во Португалија, создаден е сајтот Rede de Emergencia Alimentar, за луѓето на кои им била неопходна помош во снабдувањето со прехранбени производи, земајќи го во предвид фактот дека во овој период значаен дел од економијата не работела нормално и голем број на граѓани од Португалија се соочиле со финансиски проблеми. На загарантиран анонимен начин, на овој сајт секој граѓанин може да се пријави за помош, но и да донира, да се пријави како волонтер во мрежата на организираните банки за храна во Португалија.

Фото: Мета.мк

За поддршка на волонтерството и за вмрежување на волонтерите и школите со компаниите и организациите на кои им се потребни волонтери, создадена е и онлајн платформата Bolsa do Voluntarido, на која што може на едноставен начин да се пребараат понудените можности за волонтирање и да се искаже интерес од поединци за вршење на одредени волонтерски активности. Станува збор за своевиден виртуелен пазар за двете страни.

Веднаш по започнувањето на воената агресија врз Украина на 24 февруари, создадена е онлајн платформата We Help Ukraine, која што претставува виртуелна точка за средба на оние португалски субјекти што се заинтересирани да им помогнат во сместување, работа и здравствени услуги на жителите на Украина на кои им е неопходна помош и сакаат да заминат од земјата.

И во рамките на дигиталната трансформација, од „Ентражуда“ се обидуваат да воспостават мост помеѓу оние кои сакаат да дадат и оние кои треба да примат, односно да создадат синџир на солидарност, каде волонтерите, партнерите и добротворите ги комбинираат напорите за подобрување на функционирањето на институциите на социјална солидарност.