Текстот со наслов „Познат скопски менаџер и наш ракометар фатени во прељуба со две сестри“  а кој е објавен на 5 март 2020 година, е стар шест години и истиот со идентичен наслов и содржина е објавен на 2 ноември 2014 година и пренесен од повеќе медиуми, пишува „КриТинк“.

Станува збор за шпекулативен текст кој и пред шест години бил рецензиран на „Сервисот за проверка на факти од медиумите“ и бил оценет како невистинит.

Почетокот на текстот, а понатаму и целата содржина во него е идентична на текстовите со ист наслов објавени во 2014 година. Написот е шпекулативен, во него нема докази, туку целото пишување е базирано на „рекла-кажала“, односно на „сведочењето“ на извесна баба Милица.

Во текстот не се нудат аргументи дека навистина станува збор за познат менаџер и популарен ракометар, бидејќи тврдењето на баба Милица, за која не се знае ни дали воопшто постои како лик, не е поткрепено со докази. Во отсуство на факти, текстот личи како да го пишувал автор кој има голема имагинација, сè со цел да го заинтригира читателот да го отвори текстот и со тоа да собере што повќе кликови.