Фото: Фејсбук страна, СДСМ

Фросина Ременски, поранешната потпретседателка на СДСМ, која веќе не е дел од партиското раководство, денес прва ја поднесе својата кандидатура за претседателка на партијата, по распишувањето на вонредните внатрепартиски избори откако Зоран Заев поднесе оставка. По неа за претседател на партијата, се кандидираше и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

Тој на прес-конференција пред седиштето на СДСМ изјави дека со кандидатурата поднел и визија и програма „Заедно, одговорно и посветено“.

„Програмата се базира на три столба – социјалдемократска визија и вредности на работењето, економски раст и зголемување на животниот стандард и фер шанса и јасен систем со кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата“, изјави Ковачевски.

На новинарско прашање дали среде пандемија би го дал Министерството за здравство на помала партија, со оглед на тоа дека се зборува дека Алтернатива го бара за да влезе во парламентарното мнозинство, Ковачевски рече дека прво членството на СДСМ треба да гласа на вонредните внатрепартиски избори.

„Првин треба членството на СДСМ да гласа внатре, на непосредни избори, по што ќе се одржи конгрес, на кој се изјаснуваат делегатите на партијата, и на кој се избираат и потврдуваат членовите на Централниот одбор, а кои потоа бираат членови на Извршниот одбор. Јас не би можел да прејудицирам што ќе се случува на конгрес, којшто следува по избор на претседател“, изјави Ковачевски

Фросина Ременски, која прва одржа прес-конференција при поднесувањето на својата кандидатура потсети на нејзиниот досегашен општествено-политички и партиски активизам.

„Денеска, предавањето на мојата кандидатура има и еден друг симболизам. Кандидатурата ја предавам во 16-те дена женски активизам за борба против насилството врз жените во политиката и генерално родово базираното насилството, дискриминацијата, говорот на омраза и нетолеранцијата. Ја очекувам поддршката од социјалдемократите, моите колешки во рамки на партијата и секако од сите членови кои го знаат мојот карактер, мојата конзистентност во ставовите и сето она што е даден придонес во една заедничка борба и соработка во изминатите години“, рече Ременски.

Таа додаде дека очекува овој период СДСМ да го искористи за вистинско обединување на членството, за консолидација на партиските редови, за намалување на разликите помеѓу одредени структури во рамките на партијата, затоа што многу е важно каква визија ќе промовираме.

„Мојата визија за СДСМ за следните пет години е победник во сите процеси пред кои е исправен и само така со таква визија и стратегија може да се постигне максимум во она што значи партиско организирање“, нагласи Ременски.

Внатрепартиските избори за нов претседател на СДСМ се закажани за 12 декември.