Велес | Фото: Raso mk Wikimedia Commonc CC BY-SA 3.0

Комплетна ремедијација на почвата на која се наоѓа црниот рид згура последица од работењето на Топилницата во Велес, ќе треба да се направи откако ќе се извезе минералната техногена суровина.

Тоа е суровина која произлегува од технолошки процес, а во случајот на Топилница, минералната техногена суровина содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум….

Обврската за обнова на земјата, каде што над три децении лежи троската, загадена со тешки метали, е на компанијата „Кепс монт груп“. Според Б- интегрираната еколошка дозвола, која лани во декември ја доби од Општината Велес, оваа компанија, покрај извозот на суровините од згурата, по завршувањето на транспортот ќе треба да ја облагороди и загадената почва. Рокот што го предвидува дозволата е една година и ќе почне да се смета откако компанијата ќе заврши со извозот и на последните количини суровина од згурата.

„Локацијата не може да се остави така, тоа јасно го пишува во дозволата. Во минатото се дозволувало да се затворат индустриски капацитети на напрописен начин, а резултатите од тоа ги гледаме, здравјето на луѓето со децении е доведено во прашање. Законот е јасен, ремедијација мора да има и во таа насока сите активности што ќе се преземаат е да се санира површината за да нема продолжени последици за животната средина. Обврската на фирмата се однесува на концесискиот простор каде што се наоѓа депонијата и од каде што се црпи суровината“, вели Билјана Шуркова- Манаскова, инспектор за животна средина во Општина Велес.

Сепак, тоа нема да го реши проблемот на велешани и последиците кои ги живеат заради загадувањето од Топилницата. Црниот рид со згура, остаток од некогашниот индустриски гигант е на простор од 33.000 кубни метри и е тежок 1,7 милиони тони. Стоејќи на отворено, отровите од него со децении се развејуваат во околината, а последица од тоа се регистрирани тешки метали во почвата и во подземните води во радиус од 20 километри од Топилницата. Во оваа област, покрај урбаниот дел од градот, влегуваат и многу земјоделски површини, овоштарници и лозови насади, а загаден е и дворот и околината на индустрискиот објект. Според Министерството за животна средина, обновата на овие површини, кои не се на приватно земјиште, е обврска на државата.

„Обврската за ремедијација на земјиштето околу Топилница е на државата, но ќе може да се реализира дури по целосното отстранување на згурата“, велат во Министерството.

За почвата во Велес пред десетина години тим на експерти предводен од професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет, изготви Геохемиски атлас кој потврди дека земјата е полна со тешки метали. Стафилов ја испитуваше и прашината во три зони во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес. Испитувањата потврдија дека се сретнуваат особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон. Научниот труд, публикуван од МАНУ, содржи информации за особено високи нивоа на кадмиум, кои во домашната прашина биле 21 милиграм на килограм, а концентрациите на кровните греди 240 милиграми на килограм.

„Примероците беа земени од триесет куќи од Велес, испитани беа во лабораториите на ПМФ, а потврдени во Нуклеарниот институт во Русија и покажаа сериозни вредности. Сè додека не се исчисти историскиот отпад од Велес, но и од сите други жешки точки во земјава, тој ќе биде опасност за здравјето на луѓето“, предупредува Стафилов.

Особено е сериозен проблемот во деловите од Општината каде има земјоделски површини од кои се храни градот. Досега, локалните еколошки граѓански организации правеа пилот проекти за ремедијација на плодните површини, но тоа функционираше само на помали области. Ремедијација на различни површини, внатре и во околината на градот се вршат повеќе од една деценија, а по деконтаминацијата, резултатите на почвата покажуваат дека и во засадените растенија и во почвата сè уште има присуство на тешки метали. Тоа значи, сметаат екологистите, дека почвата ќе се исчисти единствено кога ќе го нема црниот рид со згура.