Екстремни горештини ги зафатија јужните и делови од северните региони на Европа, рушејќи повеќедецениски температурни рекорди и поттикнувајќи пожари со невидена сила, објави Гардијан.
Во југозападна Франција Метео Франс регистрираше „невидени максимум температури“, до 12°C повисоки од вообичаените за овој период.
Во Хрватска, температурите достигнаа 39,5°C во Шибеник и 38,9°C во Дубровник, додека големи пожари беснеат по крајбрежјето и се шират кон соседните земји. Во Италија, 16 од 27 поголеми градови се под „црвен аларм“, а во Шпанија човек починал откако доби тешки изгореници во пожар.
На север, земјите сè уште закрепнуваат од рекорди над 30°C дури и во Арктичкиот круг, нешто што научниците го опишуваат како јасен показател на климатските промени.
Според податоците на ЕУ, годинава во Европа се изгорени над 400.000 хектари шумска и нискостеблеста вегетација, 87 отсто повеќе од просекот во последните две децении. Сувата почва и вегетацијата, заедно со жешките ветрови, создаваат „молотов коктел“ за пожари, предупредуваат експертите.
Светската метеоролошка организација минатата недела предупреди дека пожарите и загадениот воздух дополнително ги влошуваат здравствените ефекти од жештините. Се проценува дека до крајот на векот, високите температури би можеле да предизвикуваат 8.000 до 80.000 дополнителни смртни случаи годишно во Европа.
„Ова е климатска криза и ќе биде уште полошо,“ изјави Боб Вард од Институтот „Грантам“ за климатски промени.
