Персоналот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби | Фото: Арбнора Мемети

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 868 тестирања, а регистрирани се 132 нови случаи на ковид-19, од кои најголем број – 57 се во Скопје, а 19 во Тетово. Институтот за јавно здравје регистрира оздравени 112 пациенти, а починати се рекордни 12 лица во еден ден – петмина пациенти од Скопје, еден од Штип, двајца пациенти од Тетово, двајца од Струга, еден од Велес и еден пациент од Гостивар. Најмладиот починат пациент имал 49 години, а највозрасниот 83.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6.209, бројката на оздравени пациенти е 2.427, на починати е 298, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.484.

„На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 45 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, две деца позитивни и четири со симптоми на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, вкупно хоспитализирани се 136 пациенти. На респираторна машина се 11 пациенти“, соопштуваат од министерството.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 78 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.