Најавата на Владата дека ТЕЦ Неготино, или уште наречената „ладна резерва“ во енергетскиот систем, ќе се понуди на продажба в година, заедно со неколку други компании во сопственост на државата, разбуди „стари духови“ и отвори нови прашања поврзани со (не)работењето на оваа централа кои се наметнуваат во јавноста во последните 10, и повеќе години. Пред сè поради фактот дека таа не произведува струја повеќе од 10 години, а за нејзино тековно одржување се трошат државни пари, околу 3 милиони евра годишно. Но, и затоа што досега имаше два неуспешни обиди за продажба, од кои последниот во 2006 година, токму во време на избори и смена на власта. При тоа, докрај останаа недообјаснети за јавноста главните причини-зошто пропаднаа обидите за продажба на странски инвеститор и за рестартирање на термоцентралата.
Дали следниот тендер за продажба преку јавно приватно партнерство ќе заврши успешно, останува да се види, но она што е извесно е дека ТЕЦ Неготино мора да се пренамени да работи, наместо на мазут, на гас. Но, засега уште нема услови за тоа, бидејќи уште се преговара за изградба на гасоводна конекцијата меѓу РСМ и Грција, и на поврзување на Неготино, од каде ТЕЦ би се снабдувала со гас за производство на електрична енергија.
„Во моментот размислувањата во Владата се дека истата треба да се понуди на приватен инвеститор или на продажба (приватизација) или преку моделот на јавно приватно партнерство. Потоа од самиот инвеститор би зависела оптималната техничка варијанта за реализацијата на тој инвестициски опфат. Во моментот ТЕЦ Неготино има инсталирана моќност од 230 мегавати, па логично е да се размислува дека евентуалниот потфат би се движел во рамките на овој капацитет, но повторно би напоменале дека самите приватни инвеститори би имале слобода на избор при техничкото решение“, велат од Владата за Мета.мк.
Нагласуваат дека, повеќе од јасно е дека евентуалниот купец на централата не би го користел мазутот, како главно гориво, како поради високата цена, но пред сè поради загадувањето на околината. ТЕЦ Неготино не произведува електрична енергија повеќе од 10 години, пред сè од економски причини, затоа што произведената електрична енергија од оваа термоелектрана има значително повисока цена од таа на ЕСМ, а и од моменталната цена на регионалните берзи на електрична енергија,
На прашањето на Мета.мк, колку одржувањето и неработењето на ТЕЦ Неготино во изминатите години ја чини државата, од Владата велат дека, иако термоцентралата е во државна сопственост, не добива средства директно од буџетот на РСМ. „Термоцентралата има договор со операторот на преносниот систем на електрична енергија, МЕПСО, за обезбедување на услуга за резерва на моќност, и за таа услуга одобрените трошоци од Регулаторната Комисија за енергетика се на висина од околу 3 милиони евра на годишно ниво“, велат од Владата.
Во минатото имаше иницијативи за модернизација на термоелектраната и за нејзина пренамена во електрана која ќе користи природен гас, но немаше неопходна инфраструктура за достава на природниот гас до самата електрана. Меѓутоа, како што потенцираат од Владата, во изминатите три години изградбата на магистралните гасоводи оди со забрзаното темпо, и направен е кракот од Штип до Неготино, кој продолжува кон Битола. Во финална фаза се и преговорите за изградба на гасоводот помеѓу РСМ и Грција и токму тој гасовод ќе дојде до Неготино.
„Со ова се создаваат сериозни предуслови за пренамена на оваа термоелектрана на природен гас, токму поради податокот дека ќе имаме пристап до гасот од неколку различни извори, од ТАП, од постојниот гасовод со Бугарија, како и на ЛНГ гасот од Грција. Со ова значително се подобрува сигурноста во снабдување со природен гас како и економската исплатливост на самата електрана“, појаснуваат од Владата.
Висината на инвестицијата за евентуална реконструкција или надградба пред сè ќе зависи од технологијата која ќе се примени како и од висината на инсталираниот капацитет на електраната. Најмалата инвестиција би се движела над стотина милиони евра, а највисоката би можела да биде и 500 милиони евра.
Инаку, ТЕЦ Неготино која во 1978 година е произведена за да работи на мазут и да служи како „ладна резерва“ во рамките на електропреносниот систем на Македонија, претставува втор електроенергетски објект по големина, после РЕК Битола, со расположива производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати. Централата дневно може да преработи 1.200 тони мазут и од него за 24 часа да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, со што може да се задоволат дури 20 отсто од македонската потрошувачка на електрична енергија.
Поради високата цена на мазутот, оттаму и цената на произведената струја од оваа централа би била со висока и затоа е таа е оценета како нерентабилна. Најчесто, дури и самиот увоз на електрична енергија е поевтин извор за снабдување, отколку користењето на ТЕЦ Неготино. Сепак, и покрај тоа, централата вработува повеќе од 200 лица и за неа годишно се издвојуваат околу 2,8 милиони евра за сите трошоци. Според финансискиот план на ТЕЦ Неготино за 2019 г., објавен на нивната официјална веб страница, овие трошоци се за тековно одржување, плати на вработените хемикалии, реагиенси и материјали, ХТЗ опрема, други материјали за чистење и одржување и слично.
Уште од нејзиното пуштање со работа, постоеле размислувања централата да се пренамени и да биде сменето нејзиното гориво, од мазут на гас. Идејата се засили по последните десетина години, а посебно со отпочнување на изградбата на гасоводот од Клечевце до Неготино, планот за пренамена на централата да работи на гас, станува остварлив.