Реконструирано киното во Делчево

-

Во Делчево повторно ќе биде ставено во функција киното кое со финансиска поддршка на Министерството за култура, од околу два милиони денари, лани беше реконструирано и доби нова фасада, нова покривна конструкција и уредени санитарни јазли.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска вчера ја посети Општина Делчево и кино-салата, која е во надлежност на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Рече дека од 1933 година, кога бил направен, ова е прва крупна интервенција на објектот, кој од руина и од грда слика на градот, сега ќе биде место за филмски проекции, но и за други културни настани.

– Изминатата година, со поддршка од Министерството за култура, кино-салата е целосно реконструирана. Претходно, за потребите на кино-салата во Делчево, беше обезбедена и нова дигитална филмска опрема, како и нов дигитален проектор. Делчево со овој проект доби нов современ простор, кој освен за презентација на филмовите од богатата македонска и светска кинематографска продукција, ќе се користи и за други културни настани – изјави Канческа-Милевска, која објектот го посети заедно со делчевскиот градоначалник, Дарко Шехтански.

Таа посочи дека во разговор со градоначалникот договориле оваа година Министерството да помогне и со мали интервенции во ентериерот во салата, за кој Центарот за култура има проект.

– Делчево повторно ќе го добие киното во сјајот кој некогаш го имало, а со тоа и центарот на градот го добива ликот кој треба да го има – рече Шехтански.

Министерката соопшти дека оваа година ќе се реконструира и уреди поставката во Музејот во село Разловци посветена на Разловечкото востание, за што минатата година е изработен проект. Додаде и дека Министерството, преку годишната програма, поддржува манифестации и дејности во Делчево кои се во функција на локалниот развој и на богата културна понуда. Ги издвои копаничарството и резбата кои во овој крај се автентични и добиваат финансиска поддршка преку проектот за креативни индустрии.

Канческа-Милевска беше и во селото Драмче, од каде потекнува соборното оро „Копачка“, кое УНЕСКО лани го впиша на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство. Таму ја отвори Спомен-собата на дедо Митко (Димитар Станоевски), кој 60 години бил ороводец на „Копачка“, а починал во 2009 година, на 93 години.

Министерството за култура го финансираше уредувањето на чардакот, ходникот и на собата на дедо Митко во неговиот дом во Белчанска маала во Драмче. Во рамките на постановката, изложени се стари фотографии, текстови објавени во домашни и во странски весници, предмети и инструменти што ги употребувал, народните носии во кои ја играл и ја предводел „Копачка“, а на дрвени табли се ставени познати изреки на дедо Митко за орото. Играорците денеска ја изведоа „Копачка“ – игра која ја симболизира обработката на земјата.

– Орото „Копачка“ е нашата гордост. Благодарение на нивната љубов и посветеност, Македонија стана дел од листата на светското културно наследство. Благодарение на нивните огромни желби, куќата на дедо Митко ќе прерасне во една Спомен-соба. Таа е автентично сочувана и има многу вредни прдмети – изјави Канческа-Милевска.

Традиционалното оро „Копачка“ стана второ македонско нематеријално културно наследство под заштита на УНЕСКО. Во 2013 година, Македонија на листата на УНЕСКО го впиша и уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско.

За време на работната посета на Делчево, министерката Канческа-Милевска положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот, по повод 143 години од неговото раѓање.

Над 1000 деца од Тетово уживаа во изведба на бајката „Петар и волкот“ на два јазика

Над 1000 деца од Тетово уживаа во двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“ на македонски и албански јазик. Националната установа „Музички Ансамбл” Тетово го реализираше вториот проект...