fbpx

РЕК Битола и РЕК Осломеј загадуваат како 83 европски централи на јаглен

-

Во Македонија оџаците чадат дваесет пати поцрно од Европа. Во Македонија дваесет пати повеќе домаќинства се греат на огревно дрво отколку во Европската унија, а четирите термоелектрични блокови кои користат лигнит (РЕК Битола 1,2 и 3 и РЕК Осломеј) загадуваат како 83 европски централи на јаглен, покажува споредбата на податоците на Статистичкиот годишник на Државниот завод за статистика со податоците на ЕУРОСТАТ и на Алијансата за здравје и животна средина.

Повеќе од 80 отсто од домаќинствата во земјава се греат на цврсто гориво, далеку најчесто огревно дрво. Просекот во Европската Унија е 4,8 отсто, а водечки се Полска со 45 отсто и Ирска со 21, но, за разлика од Македонија, во греењето со цврсто гориво во Европа доминираат пелети и други обработки од дрво кои загадуваат далеку помалкуод огревното дрво.

Според Вкупниот годишен извештај за квалитетот на животната средина за 2017 година, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, домаќинствата се најголем загадувач со цврсти честички во земјава:

Уделот на емисиите од секторот домаќинства и административни објекти, (особено од согорување на дрвата) во 2016 година во вкупните емисии на вкупните цврсти честички (TSP) изнесува 43,7 отсто, во емисиите на цврсти честички со големина до 10 микрометри (ПМ10) изнесува 46,6 отсто и 63,3 отсто во емисиите на цврсти честички со големина до 2,5 микрометри (ПМ2,5).

Македонија е во врвот и според измерената концентрација на ПМ10 честички на една мерна станица. Според последниот Извештај за квалитет на воздухот на Европската агенција за животна средина, само шест отсто од мерните станици на континентот во 2016 година регистрирале годишни концентрации на ПМ10 честички поголеми од дозволената од 40 микрограми на кубен метар. Од нив, 92 отсто биле во четири земји; Турција (116 станици), Полска (29), Македонија (13) и Бугарија (11 станици)

Дваесет пати е разликата и во загадувањето од македонските термоелектрични централи, кои користат лигнит, и европските, кои главно користат покалорични типови јаглен, но и далеку посовремени технологии. Во моментов четирите термоелектрични блокови на лигнит емитуваат 3.342 тони ПМ 2,5 честички годишно. Според стандардите за животна средина, нивната вкупна годишна емисија треба да биде 167 тони. РЕК Битола и  РЕК Осломеј немаат добиено А-интегрирана еколошка дозвола, но, благодарение на Енергетската заедница, меѓународно тело за енергетика, имаат рок до 2028 година да ги намалат емисиите на потребното ниво.

АД ЕЛЕМ вчера почна акција за садење на 50.000 багремови садници околу РЕК Битола. Покрај тоа што садат дрвца, РЕК Битола и АД ЕЛЕМ имаат обврска да ги намалaт емисиите на штетни материи од централата преку десулфуризација,поставување филтри, конвертори, одпепелување, можна замена на горива и други мерки.

Според Алијансата за здравје и животна средина, 16 термоцентрали на лигнит во Западен Балкан, со моќност од 16 GW,  испуштаат речиси двојно повеќе ПМ 2,5 честички од сите 296 термоцентрали на јаглен во ЕУ, кои имаат можност од 156 GW. Балканските централи се меѓу десетте најголеми загадувачи во Европа, а РЕК Битола е втора, по Косово А, по количеството ПМ 2,5.

Покрај утврдените извори на загадување, ревизорскиот извештај „Квалитет на воздух – кооперативна ревизија“, наведува дека „Катастарот на загадувачи е нецелосен затоа што недостасуваат податоци за непроизводните извори на емисии и податоци од мерењата на дел од производните извори“.

Пишува: Игор К. Илиевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...