Реизданијата на „Алан Форд“ и „Инкал“ избрани за најдобри за 2022 г. од читателите на Stipovi.com

Насловни страници на стриповите избрани како најдобри за 2022 година од членовите на Stripovi.com.

Овогодишниот избор за стрип на годината ја потврди регионалната популарност на легендарниот италијански стрип „Алан Форд“, во голема конкуренција на претежно лиценцни изданија.

Stripovi.com е највлијателниот портал за стрипови во регионот на бивша Југославија, основан во Загреб од 2001 година како комбинација на форум и онлајн енциклопедија. Оваа онлајн заедница од 2007 година организира избор за најдобар стрип на годината, по углед на други слични избори наречен „Оскар“. Уредништвото смета дека со оглед на големиот број нови изданија во регионот таков избор не само што има смисла, туку е и потребен со цел вреднување на минатогодишната продукција, како и на моменталниот вкус на публиката.

Во изборот за најдобар стрип за 2022 година учествуваа  вкупно 421 гласач, регистрирани членови на stripovi.com. Тие во текот на февруари имаа можност да изберат по 10 изданија на кои може да им доделат поени, во две категории: „стрип свеска“, односно издание од помал формат, како и „стрип албум“, во формат А4 или поголеми димензии.

Првото место во категоријата на помал формат, во конкуренција  на 427 изданија од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија, го освои новото  издание на „Алан Форд“ на хрватската издавачка куќа Либелус, кое во книга со тврди корици ги реобјави првите три епизоди на култниот стрип на Магнус и Бункер: „Група ТНТ“, „Шуплив заб“ и „Операција Франкенштајн“. Meѓу првите десет има уште две изданија од истата серија.

На второ и трето место избрани се два јапонски манга-стрипови објавени во Србија: „Берсерк“ на Кентаро Миура во издание на „Дарквуд“ и „Никогаш човек“ на Ѓунѓи Ито во издание на „Сталкер“.

Првото место во категоријата стрип-албуми, во конкуренција  на 354 изданија, го освои колекционерското издание „Инкал“ по сценарио на Алехандро Ходоровски, илустриран од Мебиус, Зоран Јањетов и Хозе Ладрон. Овој интеграл на хрватскиот издавач „Фибра“во кутија која тежи скоро 6 килограми опфаќа книги со вкупно 880 страници.

На второ и трето место избрани се два француски стрипови, исто така изданија на „Фибра“. Второпласираниот стрип-албум е „Рахан: Тајната на сонцето“ на  Рожер Лекеру и Андре Шере – интеграл со првите 544 страници од легендарниот серијал за праисторијата во вид на книга тешка 2,5 килограми. Третопласирана е реинтерпретацијата на „Франкенштајн“ на Жорж Бес, кој  приказната на Мери Шели ја прераскажал на 208 страници  со тврд повез, во книга од 1,7 kg.

Стотиците изданија кои влегоа во конкуренција за овогодишниот избор се претежно лиценцирани преводи на италијански, француски, белгиски, американски, јапонски и британски стрипови. Само мал дел се дело на домашни автори од регионот, при што интересен исклучок е словенечкото издание на стрип-албумот „Војна“ кое се пласираше на 11. место во изборот на стрип-албуми. Овој графички роман на хрватскиот автор Горан Дупланчиќ ги документира неговите искуства како војник на ЈНА заглавен во Десетдневната војна за независност на Словенија во 1991 година.