Реизданија на „Мистер Но“ и „Гричка Вјештица“ избрани за најдобри стрипови во регионот за 2024 година

Издранијата на „Мистер Но“ и „Гричка Вјештица“ кои ги освоија првите места на годишниот избор на најдобар стрип во регионот. Фото: stripovi.com.

Овогодишниот избор за стрип на годината ја потврди популарноста на италијанските и други увозни стрипови, но и високото мислење на публиката од регионот за легендарните домашни автори.

Stripovi.com е највлијателниот портал за стрипови во регионот на бивша Југославија, основан во Загреб од 2001 година како комбинација на форум и онлајн енциклопедија. Оваа онлајн заедница од 2007 година организира избор за најдобар стрип на годината, по углед на други слични избори наречен „Оскар“. Како и минатите години, уредништвото смета дека со оглед на големиот број нови изданија во регионот таков избор не само што има смисла, туку е и потребен со цел вреднување на минатогодишната продукција, како и на моменталниот вкус на публиката.

Во изборот за најдобар стрип за 2024 година учествуваа  вкупно 421 гласач, регистрирани членови на stripovi.com. Тие во текот на февруари имаа можност да изберат по 10 изданија на кои може да им доделат поени, во две категории: „стрип свеска“, односно издание од помал формат, како и „стрип албум“, во формат А4 или поголеми димензии.

Помал формат или „стрип свески“

Првопласираните стрипови за 2023 г. во категорија со помал формат. Фото: stripovi.com.

Првото место во категоријата на помал формат, во конкуренција  на 492 изданиja го освои новото издание на првата приказната „Африка“ од серијата „Мистер Но“ на босанската издавачка куќа Колосеум од Бања Лука.

Со ова беше продолжена традицијата на победи на преведени италијански стрипови. Така на пример минатата година најмногу гласови освои реизданието на „Драгонеро“, а претходната на „Алан Форд“.

Меѓу стриповите објавени 2024 година, на првите пет места се најдоа уште три италијански стрипови – култни епизоди со јунаците Дилан Дог, Марти Мистерија и Текс Вилер. На петтото место е 50-тиот број на хрватското списание за стрип „Квадрат“, посветено на култниот алтернативен уметник Данијел Жежељ.

Стрип албуми

Првопласираните стрипови за 2023 г. во категорија стрип-албум. Фото: stripovi.com.

Првото место во категоријата стрип-албуми, во конкуренција  на 355 изданија, го освои збирката на „Гричка Вјештица“ (Вештерката од Грич, рид кој денес е дел од стариот град во Загреб) во издание на загребска „Фибра“. Ова дело на легендите на хрватскиот и југословенскиот стрип, ликовниот уметник Андрија Мауровиќ и сценаристот Роберт Нојгебауер, е направено според класичните романи на хрватската писателка Марија Јуриќ Загорка. За жал ниту романите, ниту стриповите, не се преведени на македонски јазик.

Слично на минатата година, изданија на „Фибра“ доминираа, овојпат заземајќи ги првите четири места. На второто и третото место се пласираа две различни изданија на стрип aлбумот „Цеста“, односно „Патот“ – црно бело и во боја. Оваа потресна постапокалиптична приказна од францускиот стрип автор Мани Ларсене е создадена според истоимениот роман на американскиот автор Кормак Мекарти. Двете изданија заедно имаат освоено повеќе поени од првопласираното (66 и 56 наспроти 102), ако се земат предвид и поените (18) што ги доби и српското издание на „Дарквуд“, насловено „Пут“ тогаш оваа приказна може да се смета и за морален победник за 2024 година.

На четвротото место е стрип-албумот „РИП“ на француските автори Гаетс и Моние, а на петтото изданието на српскиот „Сталкер“ насловено „Прстен Нибелунга“ (Прстенот на Нибелунзите) кој според операта на Рихард Вагнер го има нацртано П. Крејг Расел.

Како и минатата година, стотиците изданија кои влегоа во конкуренција за овогодишниот избор се претежно лиценцирани преводи на италијански, француски, белгиски, американски, јапонски и британски стрипови објавени во Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Хрватска. За разлика од минатата година, кога имаше едно, во овогодинешната конкуренцијата немаше ниту едно македонско издание.

Број на стрип-изданија во конкуренција за регионалниот „Стрип Оскар“ според јавните податоци на Stripovi.com.

Според податоците за бројот на изданија пријавени во овој избор, може да се заклучи дека пазарот на стрипови во регионот не само што е стабилен, туку бележи и пораст последните години. За жал од овој тренд изгледа дека се исклучени македонското, црногорското и косовското издаваштво, кои имаат по неколку изданија годишно, а тамошните издавачи изгледа и не се трудат и да ги пријават во базата на stripovi.com.