Реиздание на „Проста и строга македонска песна“ од Блаже Конески 

Фото: ВБУ Музички регистар

Љубителите на македонска музика, но и на македонската поезија од неодамна можат повторно да го преслушаат албумот со песни од Блаже Конески – „Проста и строга македонска песна“ кој беше реиздаден како дел од прославата на три децении независност на Македонија. Албумот е збир од одбрани песни од Блаже Конески што ги рецитираат г. Конески и Цветанка Трпкова, во пијано придружба на Љубомир Бранѓолица. Оригиналното издание е објавено пред 40 години.

Промоцијата на албумот се одржа во август во склоп на настанот „Денови на Кроацијарекордс (CroatiaRecords) во Македонија“. 

„Проста и строга македонска песна“ доаѓа со 23 песни од г. Конески: Везилка; Григор Прличев (Нож, патник, снег); Марковиот манастир; Тишина; Ангелот на Света Софија; Виј; Жртва; Одвозот; Старата; Убавите жени; Починка; Урнатина; Круша; Снег;  Саат; Планина; Гугутка; Превалец; Сеќавање за Ѓорета; Житие на Таса Бојаноска; Неизвесност; Одземање на силата; Зборот. 

Автор на музиката е македонскиот композитор Љубомир Бранѓолица; музички уредник на изданието е хрватскиот џез музичар Дубравко Мајнариќ. Цветанка Трпкова беше долгогодишен член на Драмското студио на Радио Скопје. 

Благодарение на иницијативата на Иван Беќковиќ – ревизор на „Кроација рекордс“ во Северна Македонија, ова издание доживува реиздание што спојува неколку големи јубилеи. Покрај 30 годишнината од македонската независност, оваа година се одбележуваат и 40 годишнината од издавањето на оригиналниот албум. Издавањето се поклопува и со уште еден јубилеј, 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Со поддршка од Владата на Северна Македонија „Проста и строга македонска песна“ беше дистрибуирано како прилог во печатениот медиум Слободен печат. 

„Проста и строга македонска песна“ е дел од неколку реизданија кои „Кроција рекордс“ ги најави во месец август. Веќе е достапно и реизданието „Зафир пее, Македонија пее“.