Реисот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, може да биде кривично гонет како лице кој повикува на прекршување на мерките за забрана за движење во времето на пандемијата со корона вирусот, ако ја оствари заканата дека доколку Владата не и помогне на ИВЗ, може да ги повика граѓаните да се молат во џамија, известува „Порталб.мк“„.
Освен Реџепи, според членот 206 на Кривичниот Законик можат да се гонат и верниците кои би ја посетиле џамијата, велат од Обвинителството, откако Владата после заострувањето на мерките забрани собири на повеќе од 2 лица на јавните простори и површини.
Од Обвинителството за „Порталб.мк“ велат дека ја следат ситуацијата со заканите што доаѓаат оттаму.
Обвинителството ќе дејствува и доколку во текот на велигденските празници, се соберат верници по црквите, бидејќи тоа ќе придонесе за ширење на корона вирусот.
Непостапување според здравствените прописи во текот на пандемијата е кривично дело, според членот 206 од Кривичниот законик.
Што се однесува до изјавата на реисот, за прашањето на „Порталб.мк“, министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека мора да се почитуваат мерките и сите да се посветат кон тоа да се надмине состојбата со пандемијата.
Во врска со информациите кои доаѓаат од ИВЗ, другите институции, ги следиме реакциите на граѓаните по социјалните мрежи во однос на овие мерки. Јас сметам дека ова е период во кој неопходно е да се стрпиме. Овие мерки се сериозни за рестрикција, но главната цел е да се заштити здравјето на граѓаните. Јас верувам дека сите се свесни за тоа колку е сериозна состојбата и секој низ неговата професионална или индивидуална призма треба максимално да се погрижи овие мерки задолжително да се почитуваат. Знам дека е тешко, се ближат и верски празници, но мора сите преку почитување на мерките да вложуваме во заштитата на личното и јавното здравје.
Инаку, во една телевизиска емисија, Рeџепи изјави дека му испратил барање на Бујар Османи, како координатор на Кризниот Штаб да додели помош за ИВЗ, но досега, како што рече реисот, немало одговор.
“Има помош од надвор. Владата да биде многу внимателна што прави. Ќе ги потсетам со уште едно барање, бидејќи ако, да не даде Господ ние да ја повлечеме нашата одлука, нема сила која може да се бори против епидемијата, ви гарантирам. Тогаш тука ќе стане Бангладеш”, вели Реџепи.
Реисот вели дека досега државата нема обезбедено финансиска помош за верските заедници иако како, што тој рече, и тие се погодени од епидемијата.
„Порталб.мк“, побара од ИВЗ да се изјаснат по однос на изјавата на реисот, односно да ни дадат подетални информации за нивното барање доставено до Владата, но оттаму не добивме одговор.
„Порталб.мк“ контактираше со Османи, во врска со барањето на ИВЗ, но тој кратко ни рече дека “истото е презентирано пред Владата”, но не кажа дали има некоја одлука во однос на истото.
„Порталб.мк“, се обиде да контактира и со министерот за Економија, Крешник Бектеши, но тој не беше достапен за нашата редакција.
Пред 3 недели, ИВЗ донесе одлука да ги одложи сите молитви во џамиите, а Реџепи ги повика верниците нивните молитви да ги вршат дома. Џамиите се моментално затворени и само муезинот извикува 5 пати дневно.