Проблеми со дозвола за употреба на објект во кој е сместена Регулаторна комисија за енергетика РКЕ, забелешки во однос на исплатата на трошоци за потрошено гориво, тужби од поранешни вработени – финансиските извештаи и работењето на РКЕ под лупа на Државната ревизија, се вели во анализата на „Порталб.мк“.

Ревизорите констатирале, отсуство на внатрешна финансиска контрола и недоволана кадровска екипираност.

„Не е воспоставена внатрешна финансиска контрола односно не е воведен систем на политики, процедури и активности на одговорното лице. Секторот за административни, финансиски и општи работи не е екипиран, нема назнечено раководител и помошник раководител на секторот. Поради необезбеден соодветен систем на финансиско управување и контрола постои ризик од погрешно прикажување на податоците во трговските книги и финансиските извештаи како и ризик од неправилности и недоследности во примена на законските прописи,“ пишуваат ревизорите.

Од сметката на Регулаторната комисија за енергетика во периодот од 2012 година до 2017 година вкупно се потрошени средства за купување на деловни простории во вредност од 2,6 милиони евра. Со споредба на планираните средства на годишно ниво, ревизорите констатирале разлика од 2,2 милиони евра за непланирани-потрошени средства.

По извршената ревизија утврдено е дека Регулаторната комисија за енергетика е дел од четири судски спорови, два трговски и два граѓански спорови со вкупна вредност од скоро 20 милиони евра.

„Во тек се два трговски спорови поведени против РКЕ од поранешен носител на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување  на топлинска енергија за надомест на штета во износ од 19,6 милиони евра. Во текот на ревизијата од страна на првостепениот суд за тужителот во двата трговски спора донесено е Решение за стечајна постапка“ – наведува ревизијата и посочува дека споровите се покренати во 2012 година.

Финансиските извештаи кои се под лупа на ревизорскиот извештај се одговорност на Димитар Петров, директор на РКЕ до 26 јуни 2018 година и Марко Бислимовски, директор на РКЕ од 26 јуни 2018 година.