Фото: РКЕ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека во тек е подготвителен состанок за состојбата со мазутот, на кој утринава присуствуваат и претставници од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). На состанокот е договорено ДПИ да достави дополнителни документи за да може РКЕ да има целосен пресек на состојбата во однос на мазутот.

Во моментов на подготвителниот состанок комесарите детално ги анализираат сите наоди од редовните и вонредни контроли на терен и се прегледуваат сублимираните извештаи од секторот мониторингот, истраги и прекршоци, соопштуваат од Регулаторна.

Информираат дека по сеопфатните анализи на подготвителниот состанок, РКЕ утре ќе  одржи вонредна седница на која ќе бидат донесени соодветни одлуки по доставените информации од наодите на државниот пазарен инспекторат.

Инаку, Владата вчера вети дека ќе ги открие сите детали околу аферата со увозот на штетен мазут во земјава, кој е забранет за користење во ЕУ, а кој се употребува како гориво во домаќинствата, фирмите и државните установи во државава.

Министерството за економија вчера најави дека денеска или најдоцна утре, ќе ги објави наодите од анализите што ги прават надлежните институции, а имињата на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут, ќе бидат јавно објавени. Тоа вчера го изјави министерот за економија Крешник Бектеши, посочувајќи дека денеска е крајниот рок за сите институции да ги достават информациите во врска со увозот на мазут. Како и дека доколку некоја компанија не ги исполнува очекувањата, има основ за одземање на лиценцата за работа, за што е надлежна РКЕ.