Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Тетово е градот во земјава каде што бројот на активни случаи на заболени лица од ковид-19 изминативе денови расте. Во Тетово во моментов има 34 активни случаи на ковид-19, веднаш по Скопје, каде се активни 56 случаи. Според податоците на Министерството за здравство, во последните 24 часа се направени 2.518 тестирања, а регистрирани се 19 нови случаи на ковид-19. Од нив, дури 11 случаи се од Тетово, додека останатите 8 регистрирани случаи се од Скопје.

Во изминатово деноноќие регистрирани се 4 оздравени пациенти од: Скопје – 2, Прилеп и Тетово – по 1, при што не се регистрирани починати пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.760, бројката на оздравени пациенти е 150.118, на починати е 5.486, а бројот на активни случаи изнесува 156.

Во моментов нема активни случаи на ковид-19 во: Штип, Кочани, Гевгелија, Неготино, Свети Николе, Ресен, Радовиш, Делчево, Виница, Пробиштип, Валандово, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Кратово, Македонски Брод, Македонска Каменица и Дојран.