Регистриран еден од најголемите блесоци во вселената досега – се „роди“ нова црна дупка

Credit: NASA/Swift/A. Beardmore (University of Leicester)

Астрономите низ светот сѐ уште се маѓепсани од неверојатно блескавиот и долготраен изблик на високоенергетско зрачење, огромен „блиц“, што е всушност „првиот плач“ на нова црна дупка. Појавата регистрирана на 9 октомври претпладне според македонско време е еден од најсветлите настани што ги регистрирала астрономијата, пишува американската Национална администрација за аеронаутика и вселената (НАСА).

Настанот е изблик на гама-зраци и икс-зраци што се случил на 1,9 милијарди светлосни години од Земјата и низ Сончевиот систем пристигна од насоката на соѕвездието Стрела. Астрономите сметаат дека овој „блиц“ е „првиот плач по раѓање“ на нова црна дупка што се формира со колабирањето на масивна ѕвезда под нејзината тежина.

При ваквите настани, кои воопшто не се „новост“, оти се регистрирани и претходно, раѓањето на црната дупка предизвикува исфрлање огромни млазови честички што патуваат со брзината на светлината, притоа ја „раскинуваат“ ѕвездата и притоа емитуваат икс-зраци и гама-зраци патувајќи низ вселената.

Фото: NASA

Во астрономската појава која го доби името GRB 221009A, моќта на зрачењето на секој изблик надминува 100 милиони електро-волти.

Интересно за овој астрономски настан е што „го одбележа“ почетокот на 10. Ферми Симпозиум во Јужноафриканската Република, глобално собирање на астрономи што ги проучуваат гама-зраците, пишува НАСА.

„Слободно може да се каже дека овој собир почна со детонација – сите зборуваат за тоа“, изјави Џуди Ракузин, заменик-главен научник на проектот „Ферми“ од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА.

Истовремено, оваа астрономска појава беше и долгоочекуваниот прв настан што заеднички требаше да го проследат телескопот за икс-зраци NICER на НАСА поставен на Меѓународната вселенска станица (МВС) и јапонскиот детектор Набљудувач на гама-зраци на целото небо (MAXI). Уредите беа во готовност од април годинава.

Светлината од експлозијата, односно колапсот и раѓањето на нова црна дупка, што се случи на речиси 2 милијарди светлосни години од земјата, нуди нови увиди во колапсот на ѕвездите, за однесувањето и интеракциите на материјата со брзина на светлината, условите во оддалечени галаксии, и многу повеќе, пишува НАСА.

Credit: NASA/Swift/B. Cenko

Сличен настан со олку голем интензитет би можел да се случи за неколку децении.