Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) потенцира дека Регистарот на професионални онлајн медиуми на Советот за етика во медиумите (СЕММ) и ЗНМ е изработен на волонтерска основа и единствено служи за да се промовираат и афирмираат медиумите кои ги почитуваат професионалните стандарди и критериумите за членство во овој регистар.

Од ЗНМ во нивното соопштение нагласуваат дека владиното ограничување, според кое, медиумите кои не се членови на овој регистар не можат да добијат дозвола за движење со цел вршење на задачи во услови на полициски час не е оправдано. Тие бараат владата да го преиспита ваквиот чекор.

„Сметаме дека е важно во услови на криза институциите да најдат начин за новинарите и медиумските работници да бидат присутни на терен, со цел да ја информираат јавноста за тоа дали се почитуваат мерките кои се на сила, но и воопшто да известуваат за прашања од јавен интерес“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Владата во текот на вчерашниот ден објави дека дозволи за движење за време на полицискиот час ќе се издаваат на сите традиционални медиуми кои се регистрирани во Агенцијата за медиуми, а за онлајн медиумите само на оние кои се дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми на ЗНМ и СЕММ, објавени на платформата www.promedia.mk.

Од ЗНМ упатија апел и до сите онлајн медиуми да бидат свесни за тежината на изречениот збор во вакви времиња и да разберат дека одговорноста од евентуално непрофесионално известување е нивна, но последиците ќе ги трпат граѓаните.

„Уште еднаш повикуваме на професионалност и внимателност во изнесувањето на информации поврзани со кризата“, се нагласува во нивното соопштение.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.