Регионална конференција: Поголема поддршка за гласот на младите луѓе од Западен Балкан

Фото: RYCO

Младите луѓе во Западен Балкан треба да добијат поголема поддршка во поттикнувањето на интеркултурниот дијалог и поплочувањето на патот кон подобра иднина за сите, се заклучи на дводневната конференција на UN-RYCO што се одржа во Тирана.

Настанот беше заеднички организиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) во Албанија на 11 и 12 мај во хибриден формат и успешно спои на едно место речиси 100 учесници  – претставници на шесте влади на земјите од Западен Балкан, меѓународни организации, средни училишта, организации од граѓанското општество и млади луѓе.

Настанот беше наменет за промовирање на влијанието на заедничкиот проект на UN-RYCO и постигнатите резултати во регионот, фокусирајќи се на претставувањето на изготвените алатки и методологии и подигнувањето на свеста на клучните засегнати страни за важноста на натамошните заеднички интервенции спроведени преку партнерства во истата област.

„Добивме овластувања и одговорност од владите во регионот да обезбедиме можности за соработка, да си помогнеме меѓусебно и да креираме нови перспективни во регионот“, изјави во своето воведно обраќање, генералниот секретар на RYCO, Алберт Хани.

Националниот координатор на ОН во Албанија, Фиона Мекклуни изјави дека RYCO и работата што ја заврши во овој проект може да адресираат прашања што се поврзани со градењето на мирот, помирувањето и борбата против говорот на омраза што постои во Западен Балкан.

„Двата основни проблеми со коишто се соочуваат младите луѓе во регионот се невработеноста и квалитетот на образованието. Се обидуваме да ги оспособиме младите луѓе да станат поборници и водачи на промените што треба да се случат во регионот. Свесни сме дека младите луѓе самостојно не можат да го сторат ова и токму поради тоа ја промовираме соработката на сите основни младински организации со владите за креирање политики што нудат поголеми можности за работа и поголем квалитет во образованието,“ нагласи г-ѓа Мануела Бело, претставник од канцеларијата на UNFPA во Албанија.

Настанот беше искористен, исто така, за отворање на едномесечната кампања „Млади инспирирани од мир“ што има цел да ја подигне свеста и да ги зголеми активностите за градење мир и помирување меѓу младите луѓе во Западен Балкан преку различни настани во рамките на кампањата.

Кампањата, низ целиот свој тек, ќе биде фокусирана на теми како што се образованието, прифаќањето, разбирањето и соработката за да ја нагласи важноста од вложувањето во младите луѓе, релевантноста на нивните приказни и нивната моќ за промени.

Во однос на работата со наставниците и учениците, кампањата ќе ги искористи најдобрите практики од трансформативните педагогии за градење мир во Западен Балкан преку мрежно поврзување на училиштата како алатка за унапредување на регионалниот дијалог.

Кампањата, исто така, предвидува промотивни активности преку интервјуа со наставници и ученици што се вклучени во проектните активности. Покрај тоа, шест училишта од градови со етнички мешан состав од целиот регион ќе бидат осветлени како симбол за премостувањето на постоечките разлики меѓу младите луѓе.

Конференцијата е дел од заедничкиот проект на UN –RYCO „Поддршка на колективното лидерство на Западен Балкан за помирување“, што се финансира од Фондот за градење мир на ОН и се спроведува од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и трите агенции на ОН – УНДП, УНФПА и УНИЦЕФ.