Иако Северна Македонија вети дека ќе го почитува и унапредува законодавството, за да добие позитивни оценки во извештаите на Европската Комисија, експертите велат дека има уште многу да се сработи. Но, во моментов пандемијата на коронавирусот блокира неколку иницијативи за подобрувањето на правосудството, пишува Порталб.мк.
За подобрувањето на состојбата на судството во земја одговорни се институциите и поединци кои се дел од нив, вели Маргарита Цаца – Николовска, судијка во Уставниот суд на БиХ и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Тоа што е постигнато во судството се смета како позитивно, но секогаш ќе велиме дека со повеќе достигнувања би било подобро. Сепак, се работи за утврдени и спроведени стандарди, што доведоа до реформи во областа на судството, во законодавните процеси, во одредени закони и др. Но, проблемот е што, кога зборуваме за нивното практично спроведување, сè уште не можеме да кажеме дека тие закони се спроведени во практика. Неспроведувањето не секогаш е резултат на односот на институциите, но сепак има одредени пропусти, како во поглед на индивидуалните иницијативи, така и во делот на институциите, но и во делот на правосудството”, вели Цаца – Николовска за Порталб.мк.
На прашањето дали тоа значи дека не сме ги имплементирале критериумите на ЕУ, таа вели дека заложби за подобрување на судството во насока на исполнување на критериумите на ЕУ се направени, но требало повеќе да биде завршено.
„Не дека не сме ги имплементирале, се движиме правејќи напори во насока на имплементирање на критериумите на ЕУ, но имаме бројни недостатоци во однос на редовното спроведување, како што и реков, и од страна на институциите и од поединци. Сакам да ве потсетам колку требаше да чекаме за изборот на претседател на Врховниот суд, па колку се чекаше за жалбената постапка, а приближно толку долго се чекаше и за претседател на Основниот суд Скопје 1 (Владимир Панчевски). Не можеме да кажеме дека ефикасноста е целосна”, вели Цаца – Николовска.
Таа додава дека и институциите во земјава и нивните претставници се недоволно ангажирани, така што со неспроведувањето на реформите се ризикува да се изгуби довербата на граѓаните. Исто така, Николовска вели дека откако се смени Судскиот совет, може да се каже дека иницијативите беа побрзи, но со почетокот на пандемијата забавија и иако генерално се направени интервенции, сепак секогаш може повеќе.
Од друга страна, универзитетската професорка и колумнистка на Порталб.мк, Беса Арифи, тврди дека судството во нашата земја има претрпено големи предизвици во последната деценија и ќе биде потребна посветена работа од самите судии и од извршната власт.
„Секако дека реформите на судството се најважниот критериум што ќе биде оценет од страна на институциите на ЕУ во процесот на преговори за пристапување. Судството во Северна Македонија помина низ тешки времиња во минатото и сè уште не можеме да кажеме дека ги има надминато проблемите поврзани со независноста и ефикасноста. Меѓутоа, ова е долгорочен процес и налага непрекинато работење, решителност и одлучност од самите судии, но и вистинска волја за реформи од страна на извршната власт. Судството не треба да го толерира мешањето во неговото работење, а извршната власт не би требало да бара да се вмеша на начини кои до денес биле сосема нормални и очекувани во општества како што е нашето. Новите случаи каде авторитетни личности, како бившата специјална обвинителка, која доби сериозна казна, покажуваат напредок во насока на обезбедување на независност на судството. Но, од друга страна, остануваат уште многу случаи на корупција и злоупотреба на службената положба, кои се одолговлекуваат низ судовите. Задоцнетата правда е негирана правда”, вели Арифи за Порталб.мк.
Инаку, градењето на судски систем, како и независни и непристрасни институции кои гравитираат околу остварувањето на функцијата на ефективна, квалитетна и рамноправна правда, е централната претпоставка на начелото на владеење на правото. И значи хуман и оддржлив развој на општеството на Северна Македонија, како земја која се заснова врз легитимното право почитувајќи ги највисоките цивилизациски вредности, секогаш усогласувајќи се со стандардите на Европската Унија.