fbpx

Реформите во администрацијата може подобро да се „администрираат“ – публикација на Метаморфозис за ЈА

-

Јавната администрација се реформира, но состојбата може да се опише како чаша до половина наполнета – ниту процесот оди бавно ниту брзо, ниту може да се каже дека во комплексот прашања работите се лоши ниту дека се одлични, а главните причини може да се лоцираат во кадровскиот капацитет и политичката волја за спроведување на целосни реформи. Овој генерален заклучок произлегува од најновата публикација на Метаморфозис за состојбите со реформите во јавната администрација, пишува „Вистиномер“.

 

Стратешка рамка постои, законодавство постои, но менувањето и донесувањето на тие измени оди бавно, некаде и недоволно транспарентно, ефикасноста на администрацијата е постојано доведувана во прашање и од самата извршна власт, реорганизацијата на органите каде што функционира администрацијата оди тешко и бавно, услугите и дигитализацијата се подобруваат но само сегментирано, а најдобро поле и резултати се прикажани во транспарентноста, вклучувајќи ја и финансиската, иако прцесoто е фрагилен и мора постојано да се поттикнува за да се одржи тој добар резултат.

Ова може да се заклучи од најновиот извештај на „Метаморфозис“ насловен како „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, во кој се прави пресек на состојбата со реформскиот процес од 2021 година, заклучно со 31 март 2022 година.

Реформскиот процес во рамки на јавната администрација (ЈА) е комплексен збир на активности и мерки кој се турка со децении, а поконцизно со стратешка рамка и подновено законодавство од 2018 година, кога се формирани органи и тела во рамки на извршната власт со прецизно поделени улоги, инволвирање на граѓанскиот сектор и користењето на меѓународни ресурси, како оние од СИГМА или Европската унија преку ИПА финансиската и стручна помош. Резултатите и според меѓународните оценувачи и според домашните извори од граѓанското сектор што ги следат реформите и според експертите чие мислење го користеше и Метаморфозис се подобри од состојбата што била во 2018 година, во некои сегменти тоа подобрување се однесува само на формални предуслови, како што е неопходното законодавство и подзаконски акти, а во други делови како што е транспарентноста, резултатите се многу добри, но и таму има разлика дали станува збор за централната власт или единиците на локалната самоуправа.

Фото: Скриншот од публикацијата

Дел од извршното резиме што произлегува од истражувањето што го спроведе „Метаморфозис“ може да се сублимира во следните неколку заклучоци:

-Стратешка рамка има, проблем е нејзиното преоценување и дали ќе се запазат роковите за продолжување на основниот стратешки документ.

– Клучни закони има, но нивното изменување и дополнување, односно обновување оди бавно, иако се подготвуваат две години. Освен ова, проблем е доцнењето со законот за реорганизација на органите на државната управа, како и законот за висока раководна служба, кој никако да види светло на денот.

– Ефикасноста на администрацијата останува проблем. Иако и во досегашните законски решенија се вградени модели за мерење на ефикасноста, тоа се спроведува формално. Со тоа, на некој начин е заглавен и системот на плати, кој според заложбите на извршната власт треба да биде менуван и тие да растат, но притоа ја потенцираат ефикасноста и мерењето на таа ефикасност кај администрацијата.

– Услугите на администрацијата се делумно подобрени. Порталот преку кој се овозможени е-услуги до граѓаните во последните 24 месеци има зголемување на понудата од 50 на 184 целосно електронски услуги, а за годинава се подготвуваат нови 40-ина услуги. Сепак, остануваат неколку нерешени прашања. Формирање на дигиталниот идентитет на граѓаните, дигиталната писменост на граѓаните, омасовување на електронскиот потпис и, конечно, имплементацијата, односно обуки на администрацијата за целосно прифаќање на е-документите што ги прибавуваат граѓаните во рамките на институциите. Во целиот процес на е-услуги, останува проблематично и зголемувањето на бројот на таквите услуги кај единиците на локалната самоуправа.

– Иако има различни ставови за бројот на државните службеници и вработените во јавниот сектор, како клучни се наметнуваат атмосферата и квалитетот на вработените во администрацијата, а не бројот. А, сите извори што беа консултирани за овој извештај укажуваат дека атмосферата не е на завидно ниво (во голем дел тоа се должи и на ниските плати) и дека се јавува проблем при исполнување на задачите и од аспект на времетраење на процесот и од аспект на квалитативноста на исполнетите задачи. Се разбира, од овој фактор зависи и брзината и квалитетот на спроведување на реформите во ЈА.

Документот е резултaт на истражување спроведено во рамките на проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Проектот се спроведува во текот на 2021 и 2022 година.

Извештајот е збир на факти и анализи за реформите во јавната администрација сочинет врз база на разговори со експерти, десктоп истражување, истражување преку проверка на факти и анализи на медиумските проекти на Метаморфозис, пред се на Вистиномер, како и податоци до кој е дојдено преку истражување и на други институции или организации од граѓанскиот сектор. Целосниот текст на извештајот можете да го прочитате на линкот ТУКА.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...