fbpx

Реформите на МРТ стојат во место, приходите и бројот на вработени продолжува да опаѓа [инфографик]

-

Нема позитивни придвижувања за решавање на проблемите со кои се соочуваа Македонската радио-телевизија, реформите стојат во место, а со текот на времето се појавуваат нови, дополнителни предизвици што го доведуваат во прашање нормалното функционирање на јавниот радиодифузен сервис на земјава.

Најновиот мониторинг-извештај со наслов „Следење на процесот на евроинтеграции: Реформи во Јавната администрација“ изработен од Фондацијата „Метаморфозис“ за првиот квартал од 2022 година посочува дека состојбата со реформите во медиумскиот сектор, вклучувајќи го и реформирањето на МРТ, се непроменети. Притоа, во мониторинг-извештајот на авторот Теофил Блажевски се нагласуваат неколку актуелни проблеми со кои се соочува МРТ: Изборот на новите членови на Програмскиот совет на МРТ од страна на Собранието на РСМ, финансирањето на МРТ од државниот буџет и вработувањето на хонорарно ангажираните лица.

Идентично како и со изборот на новиот Совет на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, и новите членови на Програмскиот совет на МРТ не се избрани, ниту пак има најави дека проблемот би бил решен дури и во вториот квартал од 2022 година.

„Експертите не гледаат придвижување во оваа насока, без оглед што долго време оправдувањата од страна на законодавната и извршната власт беа дека проблемот лежи во заглавеноста на Комисијата за избори и именувања во Собранието. Сега откако овој проблем пред неколку недели беше решен, Комисијата не гледа потреба да го реактуелизира конкурсот, кој пак, поради процедурални причини ќе треба да биде прогласен за ништовен и да биде распишан по трет пат. Да потсетиме, станува збор за законска обврска на Собранието за пополнување на телата во Агенцијата за медиуми и во МРТ“, се наведува во мониторинг-извештајот на Фондацијата Метаморфозис.

Покрај тоа што недостига политичка волја за избор на новото највисоко раководно тело на МРТ, објавениот документ за реформите на јавната администрација на Фондацијата Метаморфозис потсетува и на проблемот со финансирањето на јавниот сервис. МРТ со години е буџетиран на законски или дури и подзаконски минимум, наместо да се примени законското решение, односно финансирањето на МРТ да го достигне на нивото од 1 отсто од буџетот на државата кој бил реализиран во претходна буџетска година.

„Финансирањето на Јавниот сервис останува проблем кој се провлекува уште од промена на законодавството во 2017 година, кога државата реши да ги смени моделот на финансирање на МРТ/НРТ и наместо преку радиодифузна такса финансирањето да се одвива преку буџетот на државата“, се наведува во Мониторинг-извештајот.

Во него се напоменува и проблемот со решавање на договорите на опредено време на ангажираните лица во МРТ, при што се наведува дека процесот тешко се одвива поради тоа што дозволите за вработување во МРТ одат со задолжително одобрение и од Министерството за финансии.

Дека состојбата со јавниот радиодифузен сервис е лоша покажува и Годишниот извештај за работа на јавно радиодифузно претпријатие Македонска-Радио Телевизија за 2021 година, којшто деновиве беше објавен. Вкупните приходи лани изнесувале околу 15,9 милиони евра и се за околу половина милион евра помали во споредба со 2020 година. Остварените расходи пак во 2021 година изнесувале над 16 милиони евра и бележат зголемување во однос на претходната година.

„Во овој контекст потребно е да се нагласи дека споменатото континуираното намалување на средствата за финансирање на радиодифузна дејност и непочитување на Законот за ААВМУ од страна на државата, всушност се провлекува неколку години наназад, односно од укинувањето на радиодифузната такса и наместо законски определениот износ од 1% (почнувајќи од 2021 година) од реализираните вкупни приходи во државата во годината која предходи на фискалната година за која се утврдува износот, средствата кои МРТ ги добива во споменатиот период се далеку под сите законски утврдени износи“, се наведува во Годишниот извештај за работењето на МРТ.

Од јавниот сервис пресметале дека средствата за финансирање на радиодифузна дејност кои ѝ се кратат на МРТ се движат во износ од околу 10 милиони евра на годишно ниво.

„Ова е сериозен проблем со кој се соочува куќата и овој континуиран недостиг на финансиски средства предизвикува потешкотии во тековното работење, го доведува во прашање сервисирањето на застарените долгови, дигитализацијата на радиото, производство и набавка на нови програмски содржини а како најзначајно и спроведувањето на петгодишната стратегија за развој која е работена по највисоки стандарди и во соработка со експерти од ЕУ и ЕБУ“, предупредуваат од МРТ.

Дополнителен алармантен проблем е и континуираното намалување на бројот на вработените во јавниот сервис. Податоците од Годишниот извештај велат дека на 31 декември 2021 година, во МРТ биле вработени вкупно 704 лица, што е за 9 лица помалку од крајот на 2020 година. Мета.мк подолг период наназад пишува за кадровскиот недостаток, при што во мај 2020 година податоците покажаа дека МРТ тогаш имала 755 вработени, од кои 205 биле новинари.

За состојбата во која се наоѓа јавниот радиодифузен сервис, Северна Македонија добива редовни критики и од Европската комисија (ЕК) во Извештаите за реформскиот напредок на земјава кон ЕУ. Во последниот Извештај на ЕК за 2021 година се наведува дека реформите кои се ветуваа во МРТ и Агенцијата за медиуми останале уште една година нереализирани, а како посебен проблем е наведено финансирањето и обезбедувањето на независност на МРТ.

„Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат поради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои имаат истечен мандат“, потсети во октомври лани Европската комисија во Извештајот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...