fbpx

Реџепи: Пандемијата може да влијае врз финансиите, но не и директно врз квалитетот на новинарството

-

Пандемијата го извади на виделина потенцијалот за практикување новинарство со придобивките од технологијата, вели Брикенда Реџепи, одговорен уредник во косовскиот весник „Коха Диторе“ и автор на емисијата „Деску“ на КТВ, во интервју за Portalb.mk.

 

Како COVID-19 го трансформира новинарството во Косово?

За време на пандемијата, начинот на работа претрпе големи измени во однос на земање на изјавитe, покривање на настаните, зголеменатa внимателност при директната комуникација. Ставени се во функција видео врските преку Zoom, Viber и WhatsApp, нешто што беше eвидентно во телевизиските прилози. И покрај постоечкиот ризик, но со многу строги мерки, новинарите не сопреa со работата на терен, покривајќи ги граничните премини пред нивното целосно затворање, карантинот, болниците и др. Ако за времето кога мерките беа поригорозни, начинот на составување на веста требаше да се прилагоди во зависност од ситуацијата, со нивното попуштање ситуацијата почна да се враќа во нормала.

Иако на медиумите ѝм беше дозволено да излегуваат на терен во времето кога движењето на граѓаните беше ограничено, некои новинари поради немањето на транспорт останаа во други градови и освен пишаните текстови, создадоа и стории преку телефон. Ова го извади на виделина потенцијалот на „mobile journalism” како еден начин на создавање содржини, кој во иднина може да се подобри уште повеќе преку обуки и обезбедување на квалитетна опрема.

 

Проблематично со нови извори

Кои дигитални методи ги употребуваат новинарите за да комуницираат со своите извори и дали мислите дека тие сега се поотворени за комуникација преку дигиталните уреди за разлика од периодот пред пандемијата?

Истите што ги употребуваа и пред пандемијата: WhatsApp, Viber, Facebook Messenger. Вреди да се напомене дека КОХА организираше една обука за новинарите околу сајбер безбедноста и складирањето на податоците кратко време пред да се прогласи пандемија. Најпроблематично беше изнаоѓањето на нови извори, бидејќи тие се создаваат после подолги односи на доверба, што е невозможно да се случи за време на пандемија поради рестриктивните мерки, но и поради неподготвеноста на луѓето за директни контакти по повлекувањето на мерките.

Од Ваша гледна точка, дали институциите и компаниите објавуваат повеќе податоци на интернет за разлика од порано и дали сте забележале разлика во квалитетот на податоците и информациите?

Во последно време зачести објавувањето на изјави и информации на интернет – на социјалните мрежи, а за време на пандемијата, ова беше уште поистакнато. Квалитетот и квантитетот на податоците и информациите, како и претходно, беше одреден од институцијата/поединецот кој/а ги споделил/а истите. Во овој аспект пандемијата не влијаеше. Посебно собраниските седници, собраниските комисии, владините седници… се следеа преку линкови, во неможност камерманите и новинарите да бидат присутни.

 

Довербата на публиката зависи од медиум до медиум

Каков е Вашиот впечаток – дали довербата на публиката во известувањето на медиумите е зголемена, намалена или остана иста за време на пандемијата?

Довербата од публиката, верувам дека зависи од угледот на медиумот, додека пак блискоста со медиумите, посебно со телевизиите, е зголемена поради ограничувањето на движењето. Генерално, медиумите ја третираа пандемијата на професионален начин, со тоа што не објавуваа информации и слики кои можеа да нарушат нечија приватност (освен во случаи кога објавувањето е дозволено) и известуваа на коректен начин од аспект на вистинитоста.

Колкав труд вложија медиумските компании за да ги исполнат потребните услови за работа на новинарите за време на кризата со пандемијата и кои се реформите за поддршка?

КОХА постојано обезбедуваше заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција за целиот свој персонал. Ги охрабрувавме да ги носат маските и ракавиците и што почесто да вршат дезинфекција. Исто така, на неделна база се вршеше и дезинфекција на целиот работен простор од страна на професионални компании. КОХА им овозможи и прилагодување на работното време на сите свои вработени, во зависност од нивните специфики: на родителите да работат од дома или да работат втора смена ако нема кој да им ги чува децата; на новинарите кои немаа транспорт од другите градови да работат од дома; боледувања за оние вработени кои имаа потреба, и др.

Кои методи за борба против дезинформациите се практикуваат во медиумите во Косово?

Во медиумот во кој што работам јас важи принципот „потврдување – објавување“. Ако претставници на институциите/личности дезинформираат и поради нивната позиција нивните изјави се објавуваат, нормално посочувајќи којн нив, одговорноста за дезинформирањето паѓа врз нив.

Ако може да го замислите новинарството по пандемијата, како би изгледало тоа и кои мислите дека ќе бидат трајните последици од пандемијата и по нејзиното завршување?

Новинарите во медиумите треба само да се потпрат врз основните принципи на професионализмот и објективноста, и како и по војната, така и по пандемијата, ќе продолжат со својата работа приспособувајќи се главно на новитетите/предизвиците/технолошките можности. Пандемијата може да влијае врз финансиската страна на медиумите поради намалувањето на бројот на рекламите, но не и директно врз квалитетот на новинарството.  Некој може и да ги надоврзе овие два аспекти, но тоа не важи за независните и професионалните медиуми.

 

Автор: Дрен Гргури

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...