Владата најавува засилени градежни активности за изградбата на гасоводот во 2019 година и за оваа намена во буџетот се предвидени 1 милијарда и 557 милиони денари. Директорот на Македонски енерегетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи во интервју за „Мета“ вели дека нивниот преносен систем ќе биде оперативен за брзо време. Мерно- регулационата станица (ГМРС) Штип ќе може да опслужува во текот на вториот квартал од 2019. ГМРС Неготино во текот на третиот квартал следната година, кога се планира приклучување на ТИР-зоните во Штип, во тој период. Сите други станици, во Пелагониски и Полошки регион ќе бидат оперативни до средината на 2020 година.

Владата го задолжи Министерството за економија да формира работна група која ќе одлучува за најефикасниот модел за развој на системи за дистрибуција на природниот гас во Македонија. Од какво значење е формирањето на овие дистрибутивни центри за забрзување на гасификацијата?

– Проектот за гасификација е приоритет во работата на оваа влада.Оваа работна група ќе треба да предложи до владата модел за развојот на дистрибутивната мрежа на природен гас во државата, со јасно дефинирани цели и очекувања.Односно, да овозможи приклучок до секој краен корисник во целата територија на државата и да се реализира брза и ефикасна гасификација, посебно во регионите каде што нивото на загаденост на воздухот е загрижувачко. За да се постигнат овие цели, ќе треба да обезбедиме евтин приклучок до секое семејство и секој краен корисник, евтина цена по метар кубен гас и да им помогнеме на домаќинствата во прилагодување на внатрешните инсталации преку субвенции или евтини заеми.

Kолку вакви дистрибутивни центри се потребни, за секоја општина или би функционирале на ниво на региони?

– Сегашниот Закон за енергетика, овозможува либерален пазар за дистрибутивните оператори на природен гас. Според физибилити студијата, вкупната инвестиција е проценета да биде околу 250 милиони евра. Гледајќи ја финансиската моќ на нашите општини, расположливиот стручен кадар и фактот дека секоја општина посебно ќе треба да гради диспечерски центар, скада систем за надзор, билинг систем, одржување и ред други фиксни трошоци, јас лично апсолутно сум убеден дека тоа нема да функционира и нема да се постигнат очекуваните цели. Гледајќи ги најдобрите европски пракси и причините зошто бил неуспешен повикот во 2013 за воспоставување на јавно-приватно партнерство (тогаш биле поделени три концесиски подрачја: Источен, Западен и Скопски регион), мислам дека треба да се воспостави јавно-приватно партнерство со сериозен приватен партнер. Тој треба да има големо искуство, да биде со голема финансиска моќ, кој ќе има обврска да ја развие мрежата во целата територија на државата и да има обврска во рок од 3-4 години да овозможи евтин приклучок на секој заинтересиран краен корисник, како во најзагадените региони, така и во сите други градови во државата. Во исто време, не нарушувајќи го либералниот пазар, секој друг оператор кој ќе сака да гради и да оперира со дистрибутивна мрежа во одредени региони или градови, тоа да му биде овозможено во рамките на законот.

Изградбата на кракот Скопје – Гостивар е важен и за Интерконекцискиот вод со Грција и за него веќе имате аплицирано за грант заедно со Грција, односно грчкиот оператор. Кои ќе бидат придобивките за државата и што конкретно овој вод значи за нас?

– Изградбата на интерконекцискиот вод со Грција е наш врвен приоритет, заради диверсификација и конкурентност на нашите извори на снабдување со природен гас, тоа е наша надлежност. Да појасниме дека со новиот Закон за енергетика и обврската за раздвојување на дејностите, оперирањето со дистрибутивните мрежи не е во наша надлежност. Но, за нас е многу битно за да не дојдеме во ситуација после вложување на големи средства, да нема кој да ги користи нашите услуги и нашата инфраструктура за пренос на природен гас. Јас сум оптимист дека до крајот на наредна година ние ќе завршиме со проектирање на Интерконекцискиот вод, потребните студии итн, и да стигнеме до одобрение за градење. Секако ќе се затвори финансиската контрукција за да може да се објави повик за да се ангажираат оператори за градба и реално е да се очекува до крајот на 2022 овој интерконектор да биде оперативен.

За трасата Скопје – Гостивар најавивте дека треба да биде завршена кон крајот на следната или почетокот на 2020 година, бидејќи се појавила потреба од голем број на измени при градбата. На какви измени конкретно мислите?

– Точно е дека на овој лот се појави потреба од неколку нужни измени на трасата, од различна природа. Една од нив е измената на Водно, заради барањето на граѓанските здруженија. Другите се заради тоа што откако е дефинирана трасата се додека се почнало со реализација на терен повеќе општини носеле детални урбанистички планови, дале одобренија за градба, легализации, концесии на самата траса итн.

Кога се очекуваат конкретни резултати од сите овие активности со гасификацијата кои ги најавувате дека ќе завршат следната и кон средината на 2020 година? Односно кога домаќинствата и компаниите ќе бидат гасифицирани?

– Нашиот преносен систем ќе биде оперативен брзо. ГМРС Штип (мерно-регулациона станица) ќе може да опслужува во текот на вториот квартал 2019 година. ГМРС Неготино во текот на третиот квартал 2019 година. Планираме да го приклучиме ТИРЗ Штип, во тој период. Сите други станици, во Пелагониски и Полошки регион ќе бидат оперативни до средината на 2020 година. Многу е важно, да имаме сериозни оператори за дистрибуција, за дотогаш да завршат со проектирање и да обезбедат одобренија за градба, за да можат да почнат со градежни активности. Јас сум оптимист дека во текот на 2020 година, ќе почнат градежните активности во поголемиот дел од градовите и општините, и до 2025 да бидат целосно покриени. Освен огромните економските бенефити, целосно ќе биде решен и проблемот со загадувањето на воздухот.

Цената за приклучување на гас во Општина Куманово изнесуваше 800 евра, но со субвенции од општината, цената за приклучок по домаќинство е намалена на 650 евра. Тоа за просечно семејство е скапо, како ќе се изнајдат начини, гасот да е лесно достапен до граѓаните?

Тарифата за пренос кај дистрибутивните оператори ја одредува Регулаторната комисија, а тарифата за приклучок ќе зависи од пазарните услови. Само за споредба, просечната цена за приклучок во земјите од регионот е десет пати поевтина отколку во Струмица и Куманово. Според методологијата за пресметување на оваа цена, зголемувањето на количините или бројот на корисници, ќе влијае за драстично намалување на цената.

Во буџетот се предвидени средства за експропријација, дали тоа значи дека се надминати сите проблеми од овој вид и кои би биле главните пречки поради кои роковите би биле пробиени?

-Голема грешка била направена, кога во 2017 не биле издвоени средства за експропријација. Затоа во 2018 имавме и во 2019 имаме предвидени средства за оваа намена. Јас затекнав ситуација со ниту еден решен предмет за експропријација, а имаме неколку илјади такви. Јас сум задоволен од текот на решавањето во изминативе шест-седум месеци. Во Лот 2 ( Неготино – Битола) е решена над 80 проценти од експоријацијата и очекувам дека брзо ќе биде решена целосно. Во Лот 5 (Скопје -Гостивар) заради поголемиот број на предмети, поради измените и застојот во неколку други институции, имаме побавно темпо на решавање. Поголемиот дел од пречките се веќе надминати и очекувам дека и во овој лот брзо ќе ја завршиме целата експропријација.

Според активистите за заштита на Водно, таму се работи без правосилно решение за измени во тек на градба, затоа што новопроектираната траса се уште е одобрена. По која траса работите, по новата или по старата?

– Го повторувавме ова неколку пати. Одобрение за градба има за целиот проект. Измената на Водно е од 20 до 24 километар. Ние таму не работиме се додека нема да имаме ново одобрение за таа измена, а тоа ќе биде брзо. На Водно ја отворивме трасата од 24 до 27 километар, и планот беше да се отвори и од 17 до 19 километар, но за да стигнат градежните машини до 19 километар на терен се јави потреба од порамнување на неколку места. Машините се движеле по новата траса каде што чекаме одобрение, а не по старата каде што имаме одобрение по основен проект. Тоа го планиравме од многу практична причина, за да нема порамнување на старата траса која што нема да се користи. Тука беше недоразбирањето со активистите, што за мене е ирационално, но сепак одлучивме да го чекаме одобрението за измената. Само да повторам, Водно не само што нема да изгуби од овој проект туку ќе има големи придобивки.

Кој контролира како се работи, има ли надзор врз работата на Водно?

-Секако дека има. Надзорот е присутен во целиот тек на градбата и во секое градилиште.