Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје Абдусамед Шабани денеска најави дека размислуваат во иднина да отворат по еден рециклажен двор во секоја од 10-те скопски општини и возниот парк да го лоцираат во овие рециклажни центри. Тој заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска ги промовираа петте нови специјални возила – камиони за собирање и транспорт на комунален отпад.
„Ние во моментов имаме два рециклажни дворови, тоа се Карпош и Вардариште, но не ја исклучуваме можноста во иднина да инвестираме во рециклажните дворови за во секоја општина да има по еден рециклажен двор“, изјави директорот Шабани.
Инаку, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје лани успеала да изврши селекција на само 483,39 тони комунален отпад од вкупно собраните 158.476 тони. Ова значи дека бил селектиран само 0,3 отсто од собраниот комунален отпад во главниот град, иако скопскиот регион со години наназад е убедливо на првата позицијата според количеството на создаден и собран комунален отпад на ниво на целата земја.
Од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје на почетокот на годинава за „Мета.мк“ изјавија дека селектирањето и балирањето на сувата фракција на отпадот не се финансиски исплатливи за нивното јавно претпријатие, при што овие активности се реализираат исклучиво во насока на заштита на животната средина преку намалување на количеството отпад што завршува на депониите.
Поради недоволната селекција, најголем дел од создадениот комунален отпад во Скопје завршува на депонијата „Дрисла“ како депониран отпад којшто не се искористува понатаму за рециклирање (хартија, пластика, метал, лименки, стакло, дрво) или за компостирање (органски отпад). На национално ниво, со години наназад степенот на неселектиран отпад што е собран во општините се движи од 83,4 до 89 отсто, што значи дека селекцијата на отпадот не функционира доволно ниту кај граѓаните, ниту во делот на секундарната селекција кај јавните комунални претпријатија.
Најавеното отворање на рециклажни дворови во секоја скопска општина може да го зголеми процентот на селекција на комуналниот отпад, при што од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје веќе најавија дека постојниот пилот-проект за примарна селекција на отпадот во населбата Влае во иднина треба да се прошири на целата територија на Скопје.