Речиси илјада новинари се убиени и уште толку затворени во изминатата декада

„Во изминатите 10 години 958 новинари се убиени, над 1.000 биле затворени, а 64 се уште се водат како исчезнати. Секој ден, новинарите се тепани, изведувани на суд, затворани зад решетки или се соочуваат со опасности за своите семејства, едноставно затоа што ја вршат својата работа. Овие податоци се неприфатливи“, рече Волкер Турк, висок комесар за човекови права на Обединетите нации на Конференцијата за безбедност на новинарите што се одржува во Виена.

Турк истакна дека улогата на независните и етички новинари е витална за надминување на предизвикот на ширењето на дезинформациите и лажните вести во време кога светот се соочува со економска и енергетска криза, војна, социјални немири и губење на довербата во институциите, особено кај младите.

„Благодарение на Акциониот план на Обединетите нации за безбедност на новинарите усвоен пред десет години, зајакнаа национални системи за заштита во речиси 50 земји. Може да се направи повеќе во заштитата на слободата на медиумите, онлајн малтретирањето, особено против новинарките, да се спречи злоупотребата на ​​технологијата и да се обезбеди подостапна медицинска, психолошка и правна помош за новинарите“, рече Турк.