fbpx

Ребаланс: Владата го зголеми буџетот на Обвинителство, а ги преполови парите за нов клинички центар во Скопје и Штип

-

Имплементацијата на Законот за кривична постапка е поголем приоритет за Владата отколку изградбата на нови клиники и реконструкцијата на студентските домови, покажува предлог-ребалансот на буџетот во кој се зголемуваат буџетските средства наменети за Јавното обвинителство, а се намалуваат парите предвидени за новите објекти во здравството и за изградба и реконструкција на ученички и студентски домови.

Ова го покажуваат наодите од анализата на „Мета“ на предлог-ребелансот на буџетот за 2019 година.

Во потпрограмата „Имплементација на Законот за кривична постапка“ кај Јавното обвинителство има зголемување на парите од 230.118.000 денари или околу 3,7 милиони евра на 283.813.000 денари или околу 4,6 милиони евра.

„Во рамките на оваа потпрограма се опфатени активностите на институцијата во насока на успешно извршување на функциите на Јавните обвинители и обврските и овластувањата согласно Законот за кривична постапка“, пишува во објаснувањето на оваа потпрограма во предлог-ребалансот на буџетот.

Истовремено, кај Министерството за здравство во потпорграмата „Изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип“ има намалување на сумата од 583.375.000 денари (9,4 милиони евра) на 204.900.000 денари (3,3 милиони евра).

„Во оваа програма е опфатена втората фаза од Проектот за реконструкција и доградба на објектите за ЈЗУ во РСМ. Имено, програмата ќе опфати изградба на нов Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје во кој ќе бидат сместени најмалку 25 клиники и неколку институти, како и изградба на нова Клиничка болница во Штип. Овој значаен капитален проект во здравствениот сектор ќе ја поддржи континуираната реформа на здравствениот систем, во насока на унапредување, подобрување и одржување на здравјето на населението“, пишува во предлог-ребалансот на буџетот.

Намалување на парите има и кај потпрограмата „Реконструкција на ученичките домови“ кај Министерството за образование и наука од 30.000.000 денари (487.000 евра) на 5.000.000 денари или 81.000 евра.

„Основната цел на оваа потпрограма е подобрување на инфраструктурата на ученичките домови во Република Северна Македонија преку реконструкција и санација на дел од објектите, санитарните јазли и просториите за исхрана, со цел подобрување на сместувачките капацитети во ученичките домови“, се вели во предлог-ребалансот на буџетот.

Уште поголемо кратење на средства има кај МОН во потпрограмата „Изградба и реконструкција на студентски домови“ и тоа од 244.294.000 денари или околу 3,9 милиони евра на 144.294.000 денари (2,3 милиони евра).

„Основната цел на оваа потпрограма е подобрување на инфраструктурата на студентските домови, подобрување на условите за сместувањето на студентите во домовите и обезбедување на поголема достапност на високото образование до сите граѓани во Република Северна Македонија“, пишува во објаснувањето на оваа потпрограма во предлог-ребалансот на буџетот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...