fbpx

Ребаланс на буџетот ќе го реши штрајкот на беровските комуналци

-

Преку ребаланс на општинскиот буџет, ќе се решаваат долговите на Јавното комунално претпријатие „Услуга“ од Берово, чии работници веќе четврти ден штрајкуваат, барајќи ги неисплатените четири плати.

Ова е одлуката на синоќешната вонредна седница на Советот на Општина Берово. Зголемување на цените на водата и на другите комунални услуги, исто така, според претседателот на Советот, Јован Матеничарски, е едно од можните решенија.

– Предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше да се разгледаат одлуките на управниот одбор на јавното претпријатие од 2013 година за зголемување на цената на водата и на другите комунални услуги – изјави Матеничарски.

Попладнево заседава управниот одбор на комуналното претпијатие, чии заклучоци ќе бидат доставени до Советот. Уште во 2013 година одборот предложил цената на кубик вода да се зголеми за седум денари.

Работниците кои штрајкуваат бараат исплата на платите и обезбедување на основните услови за работа. Претпријатието има загуба од 3,5 милиони денари, што, според СДСМ, се должи на превработеноста и на максималниот број од 84 вработени за едно мало комунално претпријатие.

На синоќешната вонредна седница на беровскиот Совет имаше инцидент, бидејќи на новинарот на веб-порталот „Малеш нет“, Јане Мамутчевски, не му било дозволено следење на седницата, иако, според статутот, седниците се јавни.

– На влезот бев сопрен од општинското обезбедување, кое ми побара акредитација. Им реков дека седниците се јавни и може секој да присутвува. Сепак, ја извадив акредитацијата и тогаш од обезбедувањето ми рекоа да почекам за да се јават кај градоначлникот Драги Наџински. Градоначалникот кажа дека мене ми е забрането да присутвувам во оваа зграда – рече Мамутчевски.

Новинарот бил поканет од претседателот на Советот, Матеничарски, кој потврди дека бил добредојден да ја следи седницата.

– На влезот го забележав Јане и реагирав да биде пуштен, бидејќи седниците се јавни. Влегов внатре и не ја почнав седницата сè додека не испратив луѓе од општинската администрација да го повикаат да влезе. Додека влегував, слушнав од обезбедувањето дека градоначалникот наредил за Јане седницата да е затворена – изјави Матеничарски.

Новинарот Мамутчевски сведочи оти му било пренесено дека може да ја следи седницата, но без новинарската опрема, како обичен граѓанин, а тој го одбил тоа и си заминал.

Ова, според новинарот на „Малеш нет“, не е единствениот конфликт што го имал со локалната власт откако јавно ја критикувал работата на Општината и на јавното претпиријатие. Неодамна била нападната веб-страницата, а му бил хакиран и фејсбук-профилот.

– Пред некој ден, кога ја објавив веста за штрајкот во јавното претпријатие и дека Берово се задушува во смет, дури ми беа избришани текстовите од веб-страницата. Запрепастен сум од цензурата на локалната власт кон мене и гласилото во кое работам – изјави Мамутчевски, кој за ова ги информирал и институциите.

Регионалниот центар на новинари „Исток“ во состав на ЗНМ, побара јавно извинување од градоначалникот кон новинарот Мамучевски, а во спротивно, оттаму велат дека новинарите членови на ЗНМ нема да ги следат неговите активности и да известуваат од нив, што ќе биде на штета на граѓаните на општина Берово.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...