Реактуелизирање на Супер Марио за новите генерации преку анимиран филм во најава

Фото: Nintendo + Illumination, Јавен домејн, Викимедија комонс

На Супер Марио франшизата не ѝ треба најава. Играта им е позната скоро на сите, без разлика дали се гејмери. Таа кај нас беше особено популарна веднаш откако стана достапна на старите Нинтендо конзоли. Она што е ново е изработката на нов анимиран филм за Супер Марио збогатен со компјутерска графика кој има за цел да ја реактуелизира играта за новите генерации, а и да предизвика позитивна носталгија кај повозрасните.

Анимираниот филм според трејлерот се очекува да има хумор како во Pixar цртаните, а и да има шмек на нешто модерно сработено бидејќи изгледа како „синематик“ од игра, но долгометражен.

Има плејада на славни актери кои го позајмуваат својот глас за различни ликови во цртаниот, а двајцата најпознати се Крис Прат и Џек Блек. 

Од други нивни филмски остварувања, на Крис Прат најдобра му е улогата на Star-Lord во Guardians of The Galaxy 1 и 2, (веќе е најавен и трет дел во 2023 г.) а и појавувањата со толкување на истиот лик во Avengers филмовите. За Guardians of The Galaxy има и релативно понова игра, но филмовите се пример како од малку познат стрип може да испаднат одлични комични SF филмови. Крис Прат е зет на Арнолд Шварценегер, човек на кој исто така не му треба најава-но ова го поврзуваме со фактот дека претходно Крис Прат беше комичен актер со проблем со прекумерна тежина, а за споменатата улога се трансформира телесно во професионален бодибилдер. Но, најновата „тансформација“ на Крис Прат во гласот за Супер Марио не им се допаѓа на фановите бидејќи се исклучува италијанскиот акцент на гласот од игрите.

Дури и во Аssassin’s Creed 2 има референца за Супер Марио со познатата фраза “It’s a me- Mario!”.

Фраза која стана познато меме само од себе- што може да ја видите и чуете на ова видео во оригинал:

Што се однесува до Џек Блек најдобар негов филм е несомнено „рок комедијата“ Tenacious D, а од поновите филмови се појавува во најновиот Џуманџи филм “Jumanji The Next Level” што е со многу елементи на борд гејм и видео игра. Исто така го позајмува и гласот за “Po” главниот лик во дел од цртаните Kung Fu Panda -концепт што беше имитиран од Близард при изработка на WoW ескпанзијата Mists of Pandaria.

Од анимираниот филм би можеле да преминеме на потсетување на најмаркантните Супер Марио игри. Првата верзија беше игра која мораше чекор по чекор да се научи напамет со „цаки и финти“ во различни нивоа и играта не беше лесна да се стигне далеку или да се заврши целата. Како и што беа многу платформски игри порано.

Гејмерите што ја играле Super Mario 3 знаат дека летањето со ракунски опаш кој мафта додека летате како супермен низ стазата беше една од фасцинантните карактеристики на играта. Подоцна во други верзии беше додадена и кацига за глава со хеликоптерски перки на неа и други начини на поминување на нивоата. Исто така, и подводните стази со пливање беа доста привлечни бидејќи сето тоа беше ново во однос на основната прва Супер Марио, а и графиката беше многу подобра со секој нареден дел од играта.

Се надеваме дека овие споменати работи ќе им евоцираат убави спомени на возрасните гејмери и ќе ги заинтересираат и новите генерации да ги истражат различните изминати верзии на Супер Марио: 

Што се однесува до други препораки околу Супер Марио постои и Level Editor кој функционираше на Flash програмата. Бидејќи Flash не работи од 2021 година, со тоа и најпопуларниот левел едитор е неактивен. Но, има и нови и други верзии кои се исто толку добри. Mario Editor-от е одлична алатка за вежбање на креативноста на младите. Овојпат, наместо Minecraft во 3D  можат да се креираат дводимензионални стази со замки, препреки, бонуси, цевки, непријатели, босови и сè што содржат Супер Марио игрите. Секако, се препорачува надзор од родител или старател, а е и добар начин на дружење. Стазите порано се снимаа во ахриви на интернет и можеа да се симнат на компјутер да ги зачувате. Децата обично знаат да претераат во креирањето секакви нивоа, но има и сериозни гејминг дизајнери и графички дизајнери што прават солидни избалансирани и оптимизирани нови нивоа со свои нови верзии на Супер Марио. Нивоа на кои се испробуваат и „спидранери“ на класични Марио игри за што има многу примери на YouTube.

Ова е упатство за симнување и употреба на најскорешниот Super Mario Editor: 

Се надеваме дека ви освеживме убави спомени во овој напис и дека ви се допаѓаат нашите препораки за гејминг. А за анимираниот филм Super Mario Bros ќе почекаме до 7 април 2023 година за кога што е моменталниот датум за објавување.