fbpx

Реакции: Скандалозна и политичка е одлуката за казната на Кежаровски

-

„Скандалозна и политичка, а не судска одлука“ е ставот на новинарските здруженија и на новинарите по објавувањето на пресудата на Апелацискиот суд, со која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затворска казна за случајот „Ликвидација“, во кој беше обвинет за откривање на идентитет на заштитен сведок.

Утре, во 11 часот, пред Апелацискиот суд е закажан собир на новинарите на кој ќе се искаже револт од одлуката на судот.

– Намерата е јасна. Овде не станува збор само за прекршување на правото на еден човек кој во случајот е новинар, туку прекршување на правата и слободата на сите граѓани и на новинарството како професија. Се сомневам дека станува збор за судска, туку за политичка одлука, донесена од владата на Груевски која судот само ја спроведува. Ако некој мисли дека во земјава владее правото, дека постои поделба на власта (законодавна, судска и извршна) само се лаже, бидејќи во оваа држава постои само власта на Груевски која ги узурпира институциите – изјави за „Мета“, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој додава и дека ова не е битка само на Кежаровски, туку битка на сите новинари, поради што утре во 11 часот ќе се одржи собир пред Апелацискиот суд на кој ќе се манифестира револтот од одлуката на судот.

– Ако дозволиме да им помине оваа одлука, тогаш секој може да смета дека во иднина истото може да му се случи и нему. Битката ќе биде долга и ќе ја водиме додека Кежаровски не биде ослободен, не затоа што е новинар, туку затоа што е невин – истакнува Селмани.

Зоран Димитровски, новинар и член на „Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски“, како свој личен став истакнува дека станува збор за политичка одлука и дека таа е алиби за притворот што му беше одреден на Кежаровски.

– Ова е скандалозна и политички нарачана пресуда. Целата јавност и новинарите очекуваа ослободителна пресуда затоа што нема ниту еден доказ за обвинението за кое се товари Кежаровски. Очигледно е дека пресудата е алиби да се покрие притворот што му беше одреден.  Можам само да им порачам на нарачателите на ваквата пресуда дека онака како што тие судат, така и ним ќе им биде судено – вели Димитровски.

Претседателката на самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, вели дека ништо освен ослободителна пресуда не може да биде прифатено од новинарската заедница.

– Новинар е уапсен, притворен и осуден за напишан текст во кој укажува на манипулација со институтот „заштитен сведок“, кој и самиот го потврди тоа. Независно од тоа што е намалена казната, останува фактот дека во Македонија е осуден новинар затоа што ја напишал вистината – нагласува Чаусидис.

Македонската асоција на новинари (МАН) најостро се спротивставува на  одлуката на Апелацискиот суд со која новинарот Томислав Кежаровски  е осуден на две години затворска казна. Единствено прифатливо е ослободителна одлука.

– Сметаме дека секоја казна за вршење на новинарска работа е излишна. Очекуваме да се поднесе жалба по оваа одлука, а Врховниот суд во најкус можен рок, уште следната недела, да закаже седница на која ќе донесе ослободителна пресуда и ќе го ослободи новинарот Кежаровски од секаква одговорност. Со оваа одлука судството ќе покаже дека новинар не може и не смее да одговара за професионално извршување на својата работа – реагираат од МАН.

На пресудата на Апелација реагираа од опозицискиот СДСМ, од каде велат дека е направена уште една повреда на човековите права и нов удар на уставно загарантираното право на слободно изразување.

„Изрекувањето вакви пресуди против новинар, посебно во услови на контроврзни докази и сведоци, нанесуваат сериозни последици врз слободата на изразување и дополнително ја влошуваат сликата на Република Македонија, која токму поради ова се најде во повеќе светски извештаи за време на владеењето на Никола Груевски“, стои во соопштението на СДСМ.

Денеска од Демократскиот сојуз соопштија дека ќе иницираат постапка за формирање анкетна комисија во Собранието за случајот со Кежаровски, бидејќи сметаат дека обвинението е засновано на докази обезбедени преку кршење закони и во спротивност со Законот за кривична постапка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.