fbpx

Реактор отпочна онлајн кампања за подигање на свеста против сексуално вознемирување на работното место

-

Реактор – Истражување во акција лансираше онлајн кампања за подигање на свеста против сексуалното вознемирување на работното место. Кампањата е составена од неколку информативни објави, кои имаат за цел да ги информираат граѓанките и граѓаните за формите на сексуално вознемирување на работното место, законите според кои ова дело е казниво, како и да се дадат примери кои се базираат на анонимно споделени искуства со сексуално вознемирување на работното место.

Дел од искуствата за сексуално вознемирување на работното место се споделени во студијата на Реактор „Родово-базирана дискриминација и работни односи во Северна Македонија“.

„Според наодите на истражувањето за родово-базирана дискриминација и пазарот на труд во Северна Македонија, сексуалното вознемирување на работното место е широко распространето и за жал нормализирано во некои форми. Наодите покажуваат дека малкумина се осмелуваат да го пријават доживеаното вознемирување, иако е казниво со закон“, велат од Реактор – Истражување во акција.

Сексуално вознемирување е каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко постапување од сексуална природа, што има цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

Сексуалното вознемирување на работното место е облик на дискриминација. Според Кривичниот законик на Р.С.М, дискриминацијата е кривично дело казниво со казна затвор од шест месеци до пет години. Дополнително, според Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалното вознемирување е казниво со парична казна до 10.000 евра.

Од Реактор – Истражување во акција велат дека освен во земјава, истата кампања се спроведува и во пет други држави од Западен Балкан кои се партнери во овој проект: Косово, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина. Кампањата се очекува да трае 11 дена, и тоа од 18 до 30 октомври.

Реактор ги охрабрува жртвите на сексуално вознемирување да го пријават истото во Државен инспекторат за труд, Комисија за спречување и заштита од дискриминација, граѓански организации кои обезбедуваат бесплатна примарна правна помош или во полициска станица.

Кампањата е дел од иницијативата „Борба против дискриминацијата, унапредување на работничките права на жените“ и е поддржана од Европската Комисија и кофинансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...