fbpx

Реактор ја промовираше родовата анализа на тема: „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“

-

Неезависната истражувачка организација Реактор – Истражување во акција ја промовираше родовата анализа на тема: „Родова статистика и вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем на Северна Македонија“ во која се обработени две клучни прашања, односно: Како да се вклучи родот во националниот статистички систем и Кои се приоритетните области на кои им недостасува родова статистика.

Документот се обидува да даде одговор на овие прашања преку анализа на правната и институционалната рамка на официјалниот статистички систем и националното законодавство, законодавството на ЕУ, стратешките и политичките документи поврзани со родовата статистика; анализа на постојните практики релевантни за производство и дисеминација на родова статистика; анализа на расположливите родови статистики и родови индикатори; анализа на достапни податоци поделени по пол од овластени тела за државна статистика; и анализа на можни административни извори за родово групирани податоци надвор од официјалниот статистички систем.

На панел дискусијата по повод оваа промоција, Васка Лешоска од Реактор – Истражување во акција ја презентираше анализата и препораките за подобрена соработка и координација меѓу клучните национални чинители за вклучување на родовата перспектива во статистичкиот систем.

„Родовата статистика треба да ни покаже како живеат мажите и жените, девојчињата и момчињата во сите нивни различности во едно општество. Истовремено, родовата статистика треба да ни помогне да оцениме дали нештата се менуваат со текот на времето и дали јавните политики резултирале со намалување на нееднаквостите.“– рече Лешоска.

„Оттаму клучно е стратешките цели за родова еднаквост на државата да се операционализираат низ статистички показатели кои со текот на времето ќе овозможат континуитат на нашите напори и одговор на прашањето колку сме блиску до остварување на родова еднаквост во сите аспекти на нашето живеење. Дијалогот меѓу носителите на статистичка дејност, креаторите на политики, граѓанското општество и другите корисници е клучен за мапирање на потребите за родова статисика, информирање на политиките со докази и  за унапредување на статистичката писменост“, заклучи Лешоска.

Во отворената дискусија свое обраќање имаа и претставници на Министерство за труд и социјална политика, Државен завод за статистика, Секретаријатот за Европски прашања, Амбасадата на Кралството Шведска, канцеларијата на UN Women, Националниот демократски институт, како и граѓанските организации Акција Здруженска и Центарот за истражување и креирање на политики.

Анализата е изработена од Реактор – Истражување во акција, со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида), како дел од проектот Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ, кој се фокусира на зајакнување на регионалната соработка на женските граѓански организации, истражување и родови анализи за информирање на политики, застапување засновано на докази и мониторинг на реформите поврзани со пристапувањето во ЕУ, насочени кон унапредување на родовата еднаквост во регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...