Граѓанско движење Аваја
Фото: ФБ страна на Аваја

Граѓанското движење „Аваја“ реагира на информирањето на портали кои вклучуваат јавно етикетирање на ромската етничка заедница. Јавната реакција конкретно се однесува на објавата од страна на порталот инфомакс.мк, во која се пренесува информација од нивни извори, без конкретни податоци за: „Пукање во Кочани”, при што се наведува дека настанот бил последица на зачестени кражби од ромското население. Инфомакс.мк известил дека: „Ром бил фатен на лице место како краде за време на полициски час”. Насловот е: „Ја презеле правдата во свои раце”. Од „Аваја“ истакнуваат дека, никој не смее да ја преземе правдата во свои раце, дека за тоа постојат надлежни институции кои треба да се информираат за настанот и соодветно да реагираат.

„Потсетуваме дека, според Етичкиот Кодекс на новинари, новинарите треба да објавуваат точни и проверени информации, без користење говор на омраза и поттикнување на дискриминација. Упатуваме апел до сите медиуми, дека информирањето за вакви настани не смее да биде поврзано со истакнување на етничка припадност. Ваквиот пристап поттикнува говор на омраза ѝ штети на ромската заедница. Информирањето е непрофесионално, базиран на неофицијални информации, без притоа веста да биде потврдена од страна на надлежните органи“, се вели во соопштението на „Аваја“.

Истакнуваат дека во медиумскиот простор не смеат да се нагласуваат информации кои таргетираат цела етничка заедница, со што се создава простор за ширење на говор на омраза. Од „Аваја“ посочуваат дека очекуваат и бараат оваа информација во однос на етничката припадност, да биде тргната од порталот, а медиумите и надлежните органи да ги преземат сите потребни мерки и да спречат ескалирање на случајот.