Красимир Каракачанов во 2018 година. Фото: Негова Фејсбук страница

Министерството за надворешни работи, денеска со соопштение реагираше до Софија, во врска со објавените предизборни спотови во Република Бугарија, во кои се покажуваат територијални претензии кон нашата држава.

„Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме“, стои во соопштението на МНР.

Се додава дека се очекува официјалните претставници на Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија.

Инаку, вчера, партијата ВМРО-БНД на поранешниот бугарски министер за одбрана Красимир Каракачанов, во финалниот предизборен спот на партијата, има објавено  и кадри од Охрид, а во контекст дека оваа партија е за одбрана на „бугарштината“.

БМРО-БНД на последните парламентарни избори во Бугарија не успеа да го мине прагот за освојување пратенички мандати.