fbpx

Реакција на Историската комисија: Продолжува ширењето невистини за нашето работење

-

Mакедонскиот тим во Комисијата за историски и образовни прашања денеска преку соопштение до јавноста повторно реагира на неколкуте писанија и собирања потписи во јавноста, со кои продолжи ширењето невистини за работата на Комисијата во однос на неодамна објавените резултати од нејзината работа во 2018 и 2019 година.

„Во последниот бран реакции повторно се даваат целосно произволни и тенденциозни толкувања на фактографските податоци што се нотирани во текстовите за заедничко чествување. Притоа, паралелно со овие невистини се врши дехуманизација и се прогласуваат предавници. Историјата е претставена како ексклузивен домен на оние кои себеси се претставуваат како единствени толкувачи на вистината“, се наведува во реакцијата на македонскиот тим.

Најпроблематичен дел од таканаречениот проглас на стотината колеги, се вели во соопштението, е тезата дека „Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување“. Ова, всушност, кажува многу за разбирањето на улогата на историјата како и мотивите за реакцијата на оваа група колеги.

„Според ова разбирање, толкувањето е суверен интерес на државата, а не на научната заедница и научниците кои треба да творат според суверениот интерес на државата. Со кое право се пласираат обвинувања дека се работи под политички диктат, кога самите тие колеги бараат „научно и официјално толкување“ на историјата да биде суверен интерес на државата што во превод значи политички диктат?! Дали други историчари и научници во други дисциплини надвор од државата не смеат да ја истражуваат македонската историја, а постојат такви научници кои често ги цитираме кога тоа ни одговара? Исто така, зошто постои страв дека препораките за заедничко чествување ќе бидат новиот историски наратив за Македонија? Каде тоа се сугерира? На кој начин мислат колегите дека тоа ќе се случи? Дали некој од нив од 2019 јуни месец кога се усвоени овие препораки, добил упатство да пишува спротивно на своите убедувања“, прашуваат од историчарите од Комисијата.

Тие велат дека отфрлањето е сечие право и овие препораки нема да бидат задолжителни за секого, но тие веруваат дека науката и историјата треба да бидат во функција на мирот и помирувањето и не мислат дека државите треба да им кажуваат на научниците како да го толкуваат минатото.

Македонскиот тим во Заедничката комисија уште еднаш повторува дека препораките за заедничко чествување не се наменети за образовниот систем.

„Во една од колумните се вели дека во иднина ќе се изучува „софиска верзија на историската приказна за христијанизирањето и за описменувањето на Словените во раниот среден век“, иако овие препораки не го кажуваат тоа што се тврди и не се однесуваат на образовниот систем. Едноставно, Комисијата нема донесено препораки за учебниците, а кои се однесуваат на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум. Секое понатамошно инсистирање на оваа невистина ќе значи дека свесно и со лоши намери се држи јавноста во заблуда“, се наведува во соопштението.

Новина во реакциите и обвинувањата е „бугароцентричност“, реагираат македонските историчари од Заедничката комисија. Овој термин би подразбирал дека целиот текст се однесува на бугарското национално толкување на минатото, поточно според бугарскиот доминантен наратив. Спомнувањето на основните историски факти дека овие лица биле примени од страна на кнез Борис и твореле во средновековната бугарска држава не е и не може да претставува „бугароцентричност“, велат тие.

„Бугароцентричност“ би било кога за овие личности би се дала само бугарската етно-национална верзија на историјата во која овие личности се толкуваат како етнички Бугари, а карактерот на нивното дело како бугарско, а не сесловенско. Дали спомнувањето на Св. Кирил и Методиј дека ги ставиле основите на христијанството и словенската писменост е „бугароцентричност“ или дека култот на Св. Наум се раширил и во соседните држави и кај муслиманите“, прашуваат тие.

Во однос на штетноста на препораките, повторно има празни формулации, а една од нив е повторното тврдење дека се изедначуваат Охридската и Преславската школа со што се губел македонскиот идентитет. Тоа никаде и на никаков начин не се кажува во препораките, велат од македонскиот тим.

Во однос на препораките за учебниците по историја што се однесуваат на античкиот период, македонскиот тим од Комисијата вели дека повторно се прави манипулација и се толкуваат само оние кои се однесуваат за македонските учебници и со тоа се креира атмосфера на национална катастрофа. Притоа, тие додаваат дека во дел од реакциите свесно се додаваат содржини кои ги нема во препораките и кои само откриваат дека оние кои критикуваат најгласно не се оддалечиле од етноцентричниот поглед за минатото.

„Современите нации се општествени конструкти и национализмот е феномен на 19 и 20 век и за двата образовни системи се препорачува да се избегнува национализирање на антиката“, се наведува во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...