Извор на фотографија: Влада на РСМ

По вчерашната одлука на Министерскиот совет на ЕУ да не ги отпочне преговорите за зачленување на Северна Македонија и Албанија, пристигнуваат првите реакции на бугарското вето коешто вчера беше потврдено за земјава. Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнз денеска ја сподели разочараноста на САД што земјите-членки на ЕУ не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка.

Амбасадорката Брнз рече дека нема сомнеж оти државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со ЕУ и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми регионалната стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност.

„Северна Македонија ги надмина политичката нестабилност и презема важни демократски реформи. Стана стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регион и покажа дека е подготвена да ги заврши тешките задачи неопходни за остварување на стратешките цели. Потпишувањето на Договорот од Преспа, членството во НАТО и отворање на патот кон ЕУ се само дел од позначајните успеси и сега е време за инвестициите и трговијата да почнат да носат економски бенефит од овие политички победи“, истакна Брнз.

Инаку, Ана Паула Закаријас, португалската државна секретарка за европски прашања рече дека не било возможно да се договори меѓу земјите-членки преговарачката рамка со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека се надева оти тоа ќе се случи за време на словенечкото претседателствување со ЕУ.

Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар во интервју за „Еурактив“ рече дека ЕУ треба да се придвижи „што е можно побрзо“ од пристапот на чекање и гледање кон стратегија за решавање на проблеми во справувањето со проширувањето на Западен Балкан. Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е наш најдобар стратешки интерес и треба да дејствуваме што е можно побрзо и да ги интегрираме овие земји во ЕУ, вели Логар.

„Знаеме дека она што се случи е дека трети страни влегоа во регионот, некои почнаа да ги извршуваат своите стратешки интереси и ова ја покажува ранливоста на регионот за ЕУ, тоа е стратешки опасно. Ако ние (ЕУ) не го пополниме вакуумот на Западен Балкан, нашето непосредно соседство, некој друг ќе го пополни…“, изјави словенечкиот министер Логар.

И српската премиерка Ана Брнабиќ рече дека е направен опасен преседан што билатерални прашања кои немаат никаква врска со европските интеграции се користат за да се стави вето за европските интеграции на соседна земја на Србија.

„Видовме преседани дека некои пар екселанс билатерални прашања кои немаат никаква врска со европските интеграции на една земја се поставуваат како непробоен ѕид на патот на европските интеграции на некоја друга наша соседна држава. Мислам дека тоа е опасен преседан и дека, за жал, можеби ќе биде користен од некои други членки на ЕУ. Мислам дека тоа не е европска вредност“, изјави Брнабиќ.