fbpx

Реакции на експерти по оставката на Заев: Тропа на врата политичка криза во земјава

-

Северна Македонија е пред политичка криза, со повеќе излезни решенија, но и со нејаснотии како ќе излезе од неа во ситуација кога на подрачјето на Западниот Балкан треба да се решаваат сериозни надворешнополитички прашања меѓу соседите, но и самава земја ќе треба да го решава спорот со Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Твитер напиша дека во земјава целата влада е во оставка откако премиерот Зоран Заев синоќа си поднесе оставка.

„Со оставката на Премиерот, според нашиот Устав во оставка е целата Влада. Оставката се поднесува до Собранието кое ја усвојува. И тука се можни повеќе излезни решенија“, напиша професорката Најчевска.

Во ваков случај, првото решение е досегашната владејачка коалиција со мнозинство во Собранието на РСМ да добие нов мандат за формирање влада од Претседателот, а во овој случај СДСМ или коалиционите партнери може да предложат нов премиер.

Втората опција е да се формира нова владина коалиција, со ново мнозинство во Собранието на РСМ, додека третата опција е било која од мнозинските коалиции во парламентот да поведат постапка за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори, пишува професорката Најчевска.

Според неа, последната опција е сите партии во Собранието да се договорат за формирање на експертска влада, која што ќе го доврши мандатот на претходната влада до наредните редовни избори.

Со реакција на Твитер се јави и професорот Флориан Бибер од Универзитетот во Грац, Австрија, којшто напиша дека поразот на СДСМ на локалните избори е делумно самонанесен (лоша кампања, стагнирачки реформи), но и поради неуспехот на ЕУ да испорача во делот на евроинтеграциите поради спорот со Бугарија. Постои добра и лоша вест, пишува Бибер.

Добрата вест е што оставката без потреба на Заев е редок чекор на политичка храброст и покажува дека преземањето на политичка одговорност е возможно. Лоша вест, според Бибер, е што опозицијата е националистичка, нереконструирана и про-Орбан. Професорот констатира дека нема јасен наследник во моментов и прашува дали новиот премиер ќе има моментум за започнување на сериозни реформи.

И сараевскиот политолог Јасмин Мујановиќ на Твитер го коментираше заминувањето на премиерот Зоран Заев. Според него, ова значи крај на една кратка ера на политички прогрес на Западниот Балкан.

„Јас опширно пишував дека за значењето на Шарената Револуција; предупредив во мојата книга дека ако „демократскиот револт“ од средината на 2010-тите години пропадне, обновата на автократијата ќе води кон обновени конфликти“, напиша Мујановиќ.

И поранешниот шведски дипломат и добар познавач на состојбите на Балканот, Карл Билд по оставката на Зоран Заев напиша дека неговата оставка е нешто што најмалку ни треба во моментов за да се придвижи критичката агенда на проширување кон ЕУ на Балканот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...