РБСМ: Одобрени уште 1,4 милиони евра за кредити од Ковид-3 линијата

Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) информира дека од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со поддршка од ЕУ, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата, одобрена е нова група од 124 кредитни барања во износ од 1,4 милиони евра.

Од кредитната линија за која се предвидени средства од 31 милион евра, досега се одобрени вкупно 2.583 кредитни барања во вкупен износ од 29,3 милиони евра, кои ги исполниле условите од јавниот повик од 7 декември 2020 година.

„Според структурата, 1.368 одобрени кредитни барања се од мали компании, 999 се од микро компании, 164 се од трговци-поединци и 52 кредитни барања се од занаетчии. Најголем дел, 2.583, доаѓаат од Скопскиот регион, и тоа 32 отсто, а по него следат Полошкиот регион со 15 отсто, Југоисточниот со 12 отсто и Југозападниот регион со 11 отсто од вкупно одобрените кредитни барања. Од Источниот и од Пелагонискиот регион се по десет отсто, додека од Вардарскиот и од Североисточниот регион има по 5 отсто од одобрените барања за кредити“, соопшти РБСМ.

Се додава дека, кредитните барања се обработуваат хронолошки, според времето на пристигнување, според Јавниот повик и информациите во него. Одобрувањето ќе се врши во групи, сè додека не се исцрпат расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија.