Развојната банка одобри уште 8,8 милиони евра од ковид 3 бескаматната кредитна линија

Развојната банка на Северна Македонија, РБСМ, информира дека уште 8,8 милиони евра од кредитните барања од ковид 3 бескаматната кредитна линија се одобрени како дел од втората група. Оттаму велат дека вкупно досега e дадено зелено светло за 1.276 поднесени кредитни барања, во износ од 14,7 милиони евра за компании што вработуваат 9.450 лица.

„Нова, втора група од 770 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од ЕУ, преку активноста ЕУзаОтпорност, од ИПА програмата. Втората група барања е во износ од 8,8 милиони евра, за 770 компании кои вработуваат вкупно 5.898 лица“, велат од Развојната банка.

Додаваат дека досега од кредитната линија за која се предвидени средства до 31 милиони евра, вкупно се одобрени 1.276 кредитни барања со вкупен износ од 14,7 милиони евра, а кои ги исполниле условите од јавниот повик објавен на 7 декември 2020 год.

Според структурата на барањата, 715 се од мали компании, 475 барања се од микро компании, 67 кредитни барања се од трговци-поединци и 19 кредитни барања се од занаетчии.

Според податоците од РБСМ, најголем дел од одобрените барања се од Скопскиот регион, и тоа 32 отсто, потоа од Полошкиот регион, 16 отсто, Југозападниот регион, 13 отсто и Југоисточниот регион, со 11 отсто. Источниот и Пелагонискиот регион се следни со 9 отсто од одобрените кредитни барања, додека од Вардарскиот и Североисточниот регион имаат 5 отсто учество во одобрените барања за кредити.