фото: Влада

Северна Македонија има што да понуди кога станува збор за туризмот, а со реализација на Проектот за локална и регионална конкурентност, понудата дополнително се збогатува. Oд вкупно 58 потпроекти, 19 се реализираат од општините, 19 од микро, мали и средни претријатија, додека 20 потпроекти се изведуваат од здруженија и непрофитни организации, туристички организации, образовни институции или центри за обука.

Ова го посочи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќим, кој со амбасадорот на ЕУ, Н.Е. Дејвид Гир, денеска присуствуваа на промоцијата на  проектот „Развој на ено-гастрономскиот туризам“ на „Тиквеш вински туризам“, во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, со финансиска поддршка од Владата и ЕУ, и во соработка со Светска Банка.

„Овозможени се средства од 18 милиони евра за конкретни проекти, од кои 3 милиони евра се од буџетот на Владата, а 15 милиони евра од ЕУ. Економскиот развој кон кој се стремиме започнува на локално ниво и затоа Владата ќе биде поддржувач на вакви иницијативи, кои овозможуваат привлекување на голем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација“, нагласи Битиќи.

ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, рече дека преку Програмата за локална и регионална конкурентност, ЕУ распредели 18 милиони евра за околу 50 проекти во областа на туризмот низ целата територија на земјата.

„Оваа програма цели кон стимулирање на одржлив економски развој, преку спречување на прекумерна употреба и злоупотреба на природните ресурси и кон создавање работни места за младите луѓе. Со своето вино, природна убавина, историски места и традиција, Тиквешкиот регион ги исполнува сите услови за совршена туристичка дестинација“, истакна Гир.

За реализацијата на дел од новата туристичка понуда во тиквешкиот регион, во рамките на потпроектот „Развој на ено-гастрономски туризам“, инвестирани се 315 илјади евра, од кои 148 илјади евра се обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност, а останатите од „Тиквеш вински туризам“, во соработка со „Домен Лепово“ и „Барово“.

Антонија Шишак, директорка на Проектот за локална и регионална конкурентност, рече дека туристичката понуда е збогатена со нови, иновативни сместувачки капацитети, содржини и активности, за различни типови туристи, кои сѐ повеќе ја препознаваат Северна Македонија како привлечна туристичка дестинација, со природно и културно богатство.

Според проект менаџерот на „Тиквеш вински туризам“, Тихомир Касапинов, новите капацитети во рамките на овој Проект, нудат можности за престој во уникатни предели со природни убавини и чист воздух, а на посетителите им се нуди спој на врвно вино, одлична храна, одмор и рекреација.

„Целта е да создадеме иновативни содржини за винскиот туризам и збогатување на понудата, како што се велосипедските патеки низ лозјата во Барово. Искрено се надеваме дека успехот на овој проект ќе биде вистинско сведоштво за потенцијалот на оваа нова приказна“, рече тој.

Во рамките на потпроектот „Развој на ено-гастрономскиот туризам“, новата туристичка понуда вклучува, камп со сместувачки капацитети во адаптирани вински буриња, нови велосипедски патеки на винската микро-локација Барово, сместување на локацијата Лепово, како и мултифункционален вински бутик во Кавадарци, кој нуди вино за продажба и дегустација, а е и изложбен простор со инфо-центар за туристичката понуда на тиквешкиот регион.