fbpx

Разобличување на дезинформациите дека вакцините содржат состојки кои се штетни за човековото здравје

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализираше тврдење за вакцините што досега многупати било раскринкано, ама „не се симнува“ од социјалните мрежи. Имено, станува збор за тврдењето дека вакцините во својот состав, покрај другите состојки, содржат жива и алуминиум, коишто се штетни за човековото здравје, а покрај други проблеми, наводно предизвикуваат рак.

Ваквите тврдења се појавиле на блогови на грчки корисници, а ellinikahoaxes.gr внимателно ги анализирала тврдењата и утврдила проблеми во врска со нив.

Изнесените тврдења биле дека според Центарот за контрола на болести, од САД, наведените состојки се дел од вакцините: Алуминиум, Антибиотици, Формалдехид, Натриум глутаминат, Тимероксал…..

Ваквите тврдења се анализирани подолу од ellinikahoaxes.gr.

Алуминиум
Се тврди дека алуминиумот, наводно, бил во составот на неколку вакцини, во форма на тн. „алуминиумски соли“. Тие состојки го регулираат ослободувањето на активната состојка на вакцината и потпомагаат во стимулирањето на имуниот систем.

Се тврди и дека низ годините биле спроведени голем број студии што ја докажале врската помеѓу алуминиумот во лекови и вакцини со хронични невролошки болести, како Алцхајмеровата болест.

Светската советодавна комисија за безбедноста на вакцините (Global Advisory Committee on Vaccine Safety) која е дел од Светската здравствена организација (СЗО), по испитувањето на достапните податоци заклучила дека не постои доказ за поврзаност меѓу алуминиумските соединенија во вакцините и развојот на хронични невролошки болести.

Студија спроведена во 2015 година, наречена „Мета-анализа на користењето антациди и Алцхајмеровата болест – Импликации за алуминиумската хипотеза“ ја испитувала долготрајната употреба на антациди со учество на алуминиум и не открила поврзаност со Алцхајмеровата болест.

Дополнително, студија во 2018 година во научното списание Аcademic Pediatrics наречена “Blood and Hair Aluminum Levels, Vaccine History, and Early Infant Development: A Cross-Sectional Study” ги мерела нивоата во крвта и во влакната на бебиња и не открила никаква поврзаност меѓу нивоата на алуминиум и вакцините.

Едноставно кажано, не е откриен доказ дека алуминиумот се акумулира во телото по вакцинирањето. Значи, иако честопати во објави на интернет од противници на вакцинирањето дека алуминиумот и неговите соединенија во вакцините предизвикуваат невролошки заболувања, како Алцхајмерова болест, досега собраните сознанија не упатуваат на таков заклучок. Алуминиумот може да предизвика здравствени проблеми, од дишењето до концентрацијата, но тие резултираат од долготрајна изложеност на алуминиумска прашина на работното место, пишува ellinikahoaxes.gr.

Антибиотици
Некои антибиотици навистина се применуваат при производство на вакцините, за да се спречат бактериски инфекции, но не се состојки на вакцините. Тие во подоцнежните фази на производство на вакцината се отстрануваат и се присутни во количества што речиси и не може да се детектираат. Тие количества се наполно безбедни.

Формалдехид
Формалдехидот се користи во производство на вакцините при онеспособувањето на вирусите и уништувањето различни бактериски токсини (отрови), како токсинот што се користи за создавање на вакцината против дифтерија. Оваа супстанца се разредува во текот на процесот на производство на вакцината, но сепак на крајот може да остане во минимални количества.

Сепак, и човечкиот организам создава формалдехид и нормалните количества на ова соединение во човечкиот организам се дури повисоки од тие во која било вакцина.

Човечкиот организам го разложува формалдехидот на мравја киселина и јаглероден моноксид. Истото се случува и со формалдехидот произведен од процесите во човечкиот организам и со тој внесен преку вакцина.

Инаку, потврден е ризикот од појава на рак поради формалдехид, но тоа се случува само при долготрајно вдишување, вообичаено на работното место, наведува ellinikahoaxes.gr.

Натриум глутаминат (Натриум-глутаминска киселина)
Натриум глутаминатот е вообичаен адитив на човечка храна и се користи за засилување на вкусот. Во вакцините се користи како стабилизатор којшто го одржува хемискиот состав на вакцините ненарушен од екстремните услови при производство или превоз. Нема докази дека човековото здравје може да биде нарушено од натриум глутаминат како состојба во вакцините или како адитив во човечката храна.

Тиомерсал
„Живата“ во вакцините не е течниот метал што го среќаваме во некои (главно постари) топломери, туку е органско-метално соединение, што делумно го содржи течниот метал жива, а носи име „тиомерсал“. Тоа се користи како конзерванс во вакцините, за да го продолжи нивниот рок на траење.

Ова хемиско соединение било проучувано во стотици научни студии и досега не е докажано дека тиомерсалот може да се поврзе со некоја форма на рак или со форма на аутизам – што се тврдења што редовно се пропагират од анти-ваксерите (Пример 1, Пример 2).

Исто така, покрај истражувањата за наводна врска помеѓу тиомерсалот и аутизмот, може да се потсетиме на отвореното тврдење на американскиот Центар за контрола и спречување на болести (Centers for Disease Control and Prevention -CDC), како и на американската Управа за храна и лекови (US Food and Drug Administration -FDA), како и на СЗО, коишто тврдат дека не постои ризик за човековото здравје од присуството на тиомерсал во вакцините (Пример 1, Пример 2, Пример 3), потсетува ellinikahoaxes.gr.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сенатот изгласа 95 милијарди за Украина и Израел, но и потенцијална забрана за ТикТок

Сенатот на САД, односно горниот дом на Конгресот, изгласа предлог-закон кој вклучува хуманитарна и воена помош за Украина, Израел, Газа и Тајван во вредност од 95 милијарди долари, но...