„Мисли малце“: Млада активистка од Тетово преку постери испраќа пораки за подигнување на свеста

Фото: Фејсбук страна на „Мисли малце“

„Вистинските мажи плачат“, „Луѓето се поважни од профитот“, „Менструалниот циклус е природен феномен и нема потреба да се крие“, се само дел од пораките што граѓаните на Тетово ги читаат на секој агол од градот во текот на последните денови и тоа на албански, македонски и ромски јазик. Елена Савеска, 19 годишна активистка, преку овие пораки се обидува да ја подигне општата свест за важните и невообичаени прашања во општеството. Луѓе, размислете малку пред да ја отворите устата, вели Савеска, пренесува Порталб.мк.

Активистката Елена Савеска која е една од основачите на движењето „Петоци за идна Македонија“, но и е дел од многу други активности, со цел подигање на свеста последните денови во Тетово лепеше постери со разни пораки. Сексуално вознемирување, национализам, фашизам, социјална бруталност се само некои од проблемите на нашето општество што ја натераа 19 годишната активистка од Тетово да стори нешто, но зошто токму „Мисли малце“?

Елена Савеска / Фото: Порталб

„После карантините и полициските часови воочив дека многу од негативните појави и феномени во општеството се истакнаа уште повеќе од претходно. Поточно стануваше збор за се почесто сексуално вознемирување по улиците, националистички и фашистички симболи, полициска бруталност и омраза воопшто, а и истото можевме да го посведочиме на социјалните мрежи. Помислив дека мора нешто да се направи околу оваа ситуација и мора веднаш и директно да се обратам на општеството. Затоа е и „Мисли малце“, затоа што потребно е народот да има свест и совест за нештата кои ги зборува и прави. Од искуство од претходни акции заклучив дека било што и да се направи макар да не успее вреди да се направи затоа што луѓето го забележуваат, а сега што нема да се сложат со истото е моментот на промената. Зошто три јазици? Јас доколку можев ќе ги направев на сите јазици кои постојат на светов затоа што сметам дека основната функција на јазикот е разбирањето. Тоа што кај нас се користат како поле за поларизација и политизација е жално и страшно. Албанскиот, македонскиот и ромскиот сметав дека се јазиците кои поголем дел од населението во Тетово, а и пошироко ќе ги разбере. Ромскиот особено ми е важен затоа што до сега мал број на проекти или иницијативи го вклучувале истиот, а и би сакала да се обратам до Ромите бидејќи и тие се дел од населението нели“, истакна Елена Савеска за Порталб.мк.

Фото: Фејсбук страна на „Мисли малце“

На прашањето на новинарот на Порталб.мк за тоа колку е подготвено нашето општество да чита такви пораки кои сè уште можат да бидат табу за нашето општество, Савеска истакна дека додека чекаме да се подготви општеството, ситуацијата се влошува. Ова го поврза со фактот дека во нашето општество луѓето ставаат тетоважи со нивната националност или етничка припадност, но забораваат дека воздухот што го дишат реално ги гуши.

„Доколку чекаме нашето општество да е подготвено да чита пораки кои би  ги менувале нивните ставови или верувања или со кои ќе утврдат дека грешат нема да  дочекаме подготвеност. Потребно е понекогаш суптилно, а особено и директно да се адресираат проблемите чиј извор и круцијален актер е општеството. Можеби некои работи иако се доста воочливи за општеството, се невидливи и потребно е да ги направиме видливи. Општеството можеби жестоко ќе реагира доколку има случај на силување или насилство врз деца, но доколку имаме споделувани слики со сексуална содржина и без дозвола општеството молчи или вина ја гледа кај жртвата. Исто како што повеќемина гледаат да имаат знамиња или тетоважи од својата националност или етничка припадност повикувајќи се на патриотизмот, а не гледаат дека се гушат од загадениот воздух или ѓубрето. Реакциите кога се лепеа пораките повеќе беа од љубопитност, што се случува, која е личноста која ги лепи пораките и зошто тие пораки. Откако некои од нив се залепени, реакцијата е подрастична и имаме некои одлепени или повлечени за да не се гледа што е пораката. Ги процесирам и анализирам тие реакции затоа што се интересни, можеби е поради тријазичноста или/и противречи пораката со ставовите на општеството или/и табуата си го прават своето. Анализите може и откако ќе бидат залепени пораките да бидат објавени на страните на „Мисли малце“ за согледаме каде треба најмногу да обрнеме внимание“, додаде активистка.

Савеска верува дека иднината им припаѓа на младите, додавајќи дека ако некое лице го напушти светот во полоша состојба од порано, истото нема цел за негово постоење. Таа смета дека колку побрзо зборуваме за работи што се сметаат за „табу“, толку побрзо ќе живееме слободно.

„Иднината им припаѓа на младите. Можеби звучи доста популистички но навистина би  требало да е така. Светот треба да се менува кон подобро и секако останува на помладите генерации. Не ја разбирам потребата и целта на постоењето на еден човек
доколку го остави светот или едно парче земја во полоша состојба од претходно, но ете можеби одговорот лежи во проблемот со климатската криза каде парите и моќта го заматуваат воочливото решение. Ние младите секогаш треба да сме на браникот на позитивната и конструктивната промена и да пркосиме. Табуата или невообичаените работи и воопшто моменталниот националистички, фашистички, сексистички и патријархален начин на размислување иако навидум им годи на некои привилегирани категории на луѓе, всушност ни штети на сите. Така да, што побрзо ги разбиеме и  разговараме за истите толку побрзо и ќе живееме во послободно и похармонично општество“, рече Савеска.

Инаку, таа вели дека се инспирира од гневот и постојано ги следи постапките и движењата на активистите во светот и во земјата. Младата активистка смета дека 100 пати е подобро да се прават обиди за промени во општеството и да не успеат, отколку да не правиме ништо за промена на сегашната состојба.