Пратениците во Собранието на 133 седница закажана за утре во 15 часот ќе гласаат за предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, што е последен чекор на „домашен терен“ во однос на зачленување на нашата земја во НАТО-алијансата.

Станува збор за текст на договор кој е создаден на 4 април 1949 година и прв пат потпишан истата година во Вашингтон, а изменет со Протоколот кон северноатланскиот договор за пристапување на Грција и Турција, потпишан во Лондон на 17 октомври 1951 година.

Во договорот кој има само 14 члена, меѓудругото, се вели дека потписниците се обрзуваат, како што е утврдено во Повелбата на Обединетите нации, да решат каков било меѓународен спор во кој тие можат да бидат инволвирани, со мирни средства, на начин со кој нема да бидат загрозени меѓународниот мир, безбедноста и правдата и дека во рамки на своите меѓународни односи ќе се воздржат од закани или од употреба на сила, на каков и да е начин што не е во согласностсо целите на Обединетите нации.

„Страните ќе придонесат кон натамошен развој на мирните и пријателски
меѓународни односи, преку зајакнување на нивните слободни институции, со цел да се овозможи подобро разбирање на принципите на кои се засноваат овие институции и преку промовирање на услови за стабилност и добросостојба. Тие ќе се обидат во своите меѓународни економски политики да ги отстранат судирите и ќе ја поддржуваат економската соработка меѓу некои од нив или со сите“, пишува во договорот.

Во него, се додава дека со цел што поефикасно да се постигнат целите на Договорот, страните поединечно и заеднички преку континуирана и ефикасна самопомош и заемна помош, ќе ги одржуваат и ќе ги развиваат своите индивидуални и колективни способности да спротистават на оружени напади.

„Страните ќе се консултираат зеднички секогаш кога, според мислењето на било  која од нив, постои закана по територијалниот интегритет, политичката независност или по безбедноста на која било од страните“, се вели во договорот.

Тој предвидува согласност од потписниците дека оружениот напад против една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за оружен против сите нив.

„Поради тоа се согласни дека доколку се случи таков оружен напад, секоја од нив, користејќи го правото на поединечна или колективна самоодбрана
признаено со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе и помогнат на
страната или на страните кои се нападнати, преземајќи – поединечно и во
соработка со другите страни, мерки што се сметаат за неопходни, вклучувајќи и употреба на оружени сили, заради возобновување и одржување на безбедноста
во Северноатлантската област.  За секој таков оружен напад и за сите мерки преземени како резултат на истиот, веднаш ќе биде известен Советот за безбедност. Таквите мерки ќе бидат прекинати кога Советот за безбедност ќе преземе мерки коишто се неопходни за возобновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност“, пишува во договорот.

Во него, се дефинира дека оружен напад на една или повеќе страни се смета дека вклучува оружен напад на територијата, силите, авионите и бродовите на која било страна во Европа или Северна Америка, врз француските департмани во Алжир, на територијата на Турција  или на островите под јурисдикција на која и да е страна во Северноатлантската област.

„Договорот не влијае и нема да се толкува како да влијае на кој било начин врз правата и обврските кои произлегуваат од Повелбата за Страните кои се членки на Обединетите нации или на првичната обврска на Советот за безбедност за одржување на меѓународниот мир и безбедност“, пишува во договорот.