Состојбата со новиот корона вирус во Европа и во светот ескалира, со огромен пораст на бројката на заразени и хоспитализирани, откако Македонија го забележа првиот смртен случај.

Бугарија, според официјалното соопштение од утрово, има 190 случаи, Македонија според официјалното соопштение има прв смртен случај, а до вчера до пладне 114 заразени. Новата бројка на заразени треба да биде соопштена денеска на пладне.

Грција од утрово е под целосен карантин. Смее да се излегува само во итни случаи – за храна или за лекарска помош.

И Романија воведе полициски час, исто како Македонија, кога вчера, првпат во својата историја на самостојна држава воведе рестриктивни мерки со владин декрет,а за разлика од земјава, која полицискиот час го предвиде еден час порано, односно почнувајќи до 21 часот.

Се смета дека моментално САД има најголем пораст на новите случаи, а и Индија, со 1,3 милијарди население, наложи забрана за излегување од дома на стотици милиони луѓе од 7 до 21 часот.

Србија, според последните достапни податоци, иам 222 случаи со новиот корона вирус, а во саботата доби поддршка од Кина, која испрати група лекари за да помогнат на српското здравство. Се предвидува дека врвот на епидемијата во Србија ќе биде забележан за 29 дена. И оваа земја, меѓу првите, воведе полициски час.

Во светот од денеска има од 336.000 до 343.200 случаи, според универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој прв воведе систем за следење на заразата. Досега оздравеле меѓу 97.300 и 98.300 луѓе, а починале меѓу 14.640 и 14.730 луѓе.

Во Италија, која моментално е светското жариште, изминатото деноноќие имало 6.000 нови случаи, со што новата бројка се искачи на над 59.000. Смртни случаи има 5.476, според последните информации, а оздравени 7.024.