Раст на бројот на претплатници на Нетфликс по забраната за споделување лозинки

Новите политики за споделување лозинка на Нетфликс бараат од американските претплатници да плаќаат дополнителни 7,99 долари месечно за да ја споделат својата сметка со најмногу две лица кои живеат надвор од нивното домаќинство

фото: @dclmister на Unsplash

Одлуката да се забрани споделувањето на лозинките на Нетфликс се покажала успешна за стриминг платформата во САД. Волстрит Журнал објави дека според компанијата за анализа на податоци „Антена“, Нетфликс забележала огромен скок во бројот на претплатници во првите четири дена откако на 23 мај ги извести американските претплатници за своите нови правила.

Просечниот дневен број на нови сметки се искачил на 73.000 веќе следниот ден, што претставува зголемување од 102 отсто во однос на просекот од претходните 60 дена. На 26 и 27 мај додадени биле уште 100.000 претплатници, што според „Антена“ е повеќе од порастот на Нетфликс за време на полициските часови поврзани со ковид пандемијата во март и април 2020 година.

Новите политики за споделување лозинка на Нетфликс бараат од американските претплатници да плаќаат дополнителни 7,99 долари месечно за да ја споделат својата сметка со најмногу две лица кои живеат надвор од нивното домаќинство.

Во февруари, Нетфликс воведе платено споделување на лозинките во неколку земји надвор од САД, вклучувајќи ги Канада, Нов Зеланд, Португалија и Шпанија. Како резултат на ова, компанијата во новиот извештај за заработка рече дека претплатничката база во Канада „сега расте побрзо отколку во САД“.