Отпочнува реализацијата на втората фаза од проектот за изградба на Парк на ветерни електрани кај Богданци. На 29 јануари беше објавен повикот за претквалификација за избор на компании за набавка и изведба на ветерните турбини и за изградба на пристапните патишта и кабловската мрежа, информираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Во втората фаза од овој проект ќе се изврши зголемување на постоечкиот капацитет на ветерниот парк во Богданци за дополнителни 13,2 до 15 мегавати, со што вкупната инсталирана моќност на овој енергетски капацитет ќе се искачи на 50 мегавати. Бројот на инсталирани ветерни турбини во паркот ќе зависи директно од моќноста на секоја поединечна ветерна турбина што ќе ја понудат компаниите на тендерот. Планираната инвестиција во проширување на ветерниот парк е 21 милиони евра, од кои 18 милиони евра се од германската KfW банка и 3 милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ.
Тендерот е поделен на два лота, а сите заинтересирани компании треба да се пријават преку порталот за е-набавки на GTAI (Germany Trade & Invest), која е економска развојна агенција на Сојузна Република Германија. Набавката и евалуацијата во тендерската постапка ќе се изведуваат според правилата на KfW банка. Рокот за доставување на апликациите е 2 март 2020 година.
Првата фаза од изградбата на ветерниот парк беше завршена во 2014 година, кога беа пуштени во употреба 16 ветерници со инсталирана моќност од 36,8 мегавати. Редовното производство на електрична енергија од овој капацитет започна во летото 2015 година.