Општина Крушево денеска го објави огласот за избор на компанија која што ќе го гради спомен обележјето на Тоше Проески во Крушево. Подигањето на ова здание на македонската поп – икона е проценето дека ќе чини околу 8 милиони денари, за што веќе се обезбедени средства од овогодинешната програма на Министерството за култура за капитални инвестиции низ општините во земјава.

– Благодарение на владата, го објавуваме тендерот за изградба на вечното почивалиште со што конечно ќе почнеме да го градиме гробното место на Тоше. Конечно нашиот Тоше ќе има достоинствено спомен обележје – вели крушевскиот градоначалник Томе Христоски.

Изградбата на спомен обележјето на Тоше треба да започне на 10 септември годинава, а неговото завршување се очекува на крајот од ноември, се наведува во податоците објавени на Електронскиот систем за јавни набавки.

Автор на идејното решение за спомен обележјето на Тоше Проески е архитектот Жарко Чаушевски, а неговото архитектонско студио „Архитектоника“ од Скопје е избрано од Општина Крушево за да ја изработи техничката документација за изградба на обележјето на Тоше. За изработка на идејното решение и за техничката документација веќе се издвоија околу 410.000 денари.