Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ 2021

Фото: Фондација „Славко Јаневски“

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распишува годинешниот конкурс за наградата „Роман на годината“ кој започнува денес, 15 декември и ќе трае до 15 јануари 2022 година.

Право на учество има секој автор чиј роман бил за првпат објавен на македонски јазик во 2021 година. За учествување сите кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои притоа се враќаат во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје. Читалницата се наоѓа на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 23/1-1 и е отворена  секој работен ден од 12 до 20 часот. Доставувањето може да се изврши и по
пошта на адреса на Фондацијата односно: бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.

Од Фондацијата нагласуваат дека доколку романите бидат испратени по препорачана пошта, ќе се прифатат само оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2022 година. Исто така, можно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected].

Наградата „Роман на годината“ се состои од статуетка и плакета и паричен износ од 150.000 денари. Добитникот на наградата ќе биде одреден од петчлена жири- комисија најдоцна до 15 март 2022 година.

Ова е 23-то свечено доделување на наградата што е широко општествено прифатена и етаблирана од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“, а која претходно ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“. Минатата година лауреат беше „Скриени желби, немирни патувања“ на авторот Владимир Јанковски во издание на „Антолог“.